Таткото на избодениот полицаец: Меѓу личните предмети на син ми нема нож, како што имале сторителите

by fokus

Мојот син немал со себе нож во дискотеката, како што имале сторителите на инцидентот, вели Гоце Филиповски, таткото на 27-годишниот полицаец Филип Филиповски, кој беше избоден во дискотека во село Марино. Гоце Филиповски се сомнева дека власта се обидува да ги заштити осомничените за нападот, браќата Цветковски, кои се синови на поранешниот градоначалник на СДСМ, Звонко Цветковски, инаку вработен како советник во МВР.

Таткото на избоденото момче објави повеќе статуси на Фејсбук за случајот.

„Ги земав личните предмети на син ми од болница, меѓу нив има лични документи и парфем, нема нож како што имале сторителите, така сум го воспитал, да ги сака луѓето, да помогне каде што може, правеше големи сметки на телефон донирајќи на секоја објава за помош на лица за кои се собираа парични средства потребни за лекување. За разлика од него, сторителите синови на високи функционери, излегуваат на забава со ножеви, се прашува ли некој надлежен со каква цел е излегувањето на млад човек во дискотека со нож“, пишува Гоце Филиповски.

Филип е инаку се уште хоспитализиран на КАРИЛ, но се наоѓа во стабилна состојба.

Поранешниот градоначалник, пак Звонко Цветковски, негира дека неговите синови го сториле делото. Цветковски за ТВ 24 вели дека делото не е направено како што е опишано според сведоците и дека и неговите синови се повредени.

„Тие учествувале, но не го направиле делото што е направено. Биле нападнати, моето дете и денеска беше во болница“ – вели Цветковски.

Поврзани новости