Татко ми до последен здив веруваше во мене, оваа победа е за него, вели билдерот Стојчевски кој стана Балкански шампион

by

Драган Стојчевски, своевремено Мистер на Македонија, а веќе со години наназад успешен во категоријата Мастерс физик во бодибилдинг, на 29-то Балканско првенство во бодибилдинг и фитнес Романија, го освои првото место и стана Балкански првак.

Тој се натпреварувал во категоријата Мастерс физик над 40, и во конкуренција од 126 натпреварувачи од повеќе земји, и ја донесе титулата на нашата земја. За време на интонирањето на нашата химна, кога го прогласија за победник, тој не можеше да ги запре солзите.

 

За ,,Фокус” раскажува дека во тие емотивни моменти бил горд на себе, на неговиот татко Благој кој почина на почетокот на месец јуни годинава, на семејството кое секогаш го поддржувало и на својата држава.

 

-Во 2019 година, на првенството во Крф, Грција, бев второ место. Потоа започнав со подготовките за Балканското првенство, кое првично требаше да се одржи во мај,но поради корона кризата беше одложено за сега, на почеток на септември. Цела година, уште од минатиот септември напорно се подготвував. Поради одложувањето ми беше уште потешко, бидејќи подготовките се мачни и долг е процесот на спремање. Но, најдов сили и се изборив, а секогаш кога ми беше тешко помислував на мојот татко и добивав сила, знаев дека ќе успеам, бидејќи тоа го правев за него. Тој беше моја огромна поддршка, и знаеше дека се подготвувам за Балканското првенство пред да почине. До својот последен здив веруваше во мене и ја зголеми мојата самодоверба и решителност да се борам до крај за своите соништа. Токму поради тоа, кога започна интонирањето на нашата химна, ме преплавија емоции, сеќавања, но и гордост на себе, на сите мои блиски луѓе кои се покрај мене на секој чекор од мојот пат. Иако татко ми не е повеќе физички со нас, јас знам дека тој ќе беше многу горд на мене во тие моменти, неговата верба во мене ми го трасираше патот по кој сега чекорам и благодарен сум му за тоа. Затоа и победата му ја посветувам него – вели Драган, кој по потекло е од Куманово, а сега со семејството живее во Скопје.

Додава дека сега целта му е Европското првенство кое треба да се одржи во Шпанија.

-Ставени сме на чекање поради пандемијата и не знаеме дали ќе ни дозволат да одиме. Не е до нас, ги следиме препораките и насоките. Во форма сум, се подготвувам и верувам дека повторно ќе ја направам мојата земја и мојот македонски народ горд на мене – ни изјави Балканскиот шампион.

Вики Клинчарова

Поврзани новости