Таравари ја потврди средбата со Села: Нема што да делиме, се договоривме за канцелариите

Се видовме и уште еднаш се обидовме дали може, да речам, да ги испегламе разликите, изјави Таравари, откако „Фокус“ објави дека тој и Села се договориле за партиските објекти во Скопје и Тетово, но и за средствата и возилата.

by Фокус

Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците, ја потврди информацијата објавена во „Фокус“ дека одржал средба со претходниот партиски лидер Зијадин Села, откако партијата влезе во раскол како резултат на различните ставови како АА да се позиционира во пресрет на следните избори.

По превирањата во Алијанса, Села и Таравари имале средба за поделба на имот

Имаше еден состанок пред повеќе од две недели каде што се видовме и уште еднаш се обидовме дали може, да речам, да ги испегламе разликите. Ние имаме две канцеларии и да нема конфликт, да не се случуваат недоразбирања, одлучивме во Скопје да ја користат тие канцеларијата, а во Тетово да ја користиме ние како официјално седиште на партијата – рече Таравари.

Во интервју за Гласот на Америка , тој појасни дека не станува збор за сопствен имот, туку за канцеларии што партијата ги користи под закуп. Покрај тоа, според него, Алијанса нема друг имот, што значи дека тие нема што да поделат.

Како што објавивме пред 3 дена, освен за користење на партиските објекти во Скопје и Тетово, некогашните блиски соработници се договориле Села да ги задржи партиските возила и средствата на сметка. Она за што немало договор е кому да ми припадне партискиот печат и бренд.

Инаку, тоа ќе зависи од правната разврска која веќе е покрената во тетовскиот суд, откако двете страни одржаа паралелни седници на Централното собрание и на Конгресот, тврдејќи дека го имаат легитимитетот и легалитетот.

Како што е познато, партијата се подели откако лидерот Таравари одлучи преку фејсбук да соопшти дека по низата средби што ги имал со претставници на политичките партии и дипломатската заедница, одлучил да и се придружи на албанската опозиција, бидејќи, порача тој, граѓаните сакале промена.

Во однос на тоа, реагираше неговиот претходник Села, кој истакна дека партијата имала формална одлука за самостоен изборен настап, но Таравари не ја испочитувал оваа одлука и без никаква консултација со партиските врв и органите решил на своја рака да соопшти лична одлука преку социјалните мрежи.

„Фокус“ уште во јуни ланската година напиша дека АА ќе биде на тест пред двојните избори, кога „треба да се судрат аргументите дали партијата треба предизборно да соработува со ДУИ или пак треба да стане дел еден албански опозициски блок“.

Алијанса предизборно ќе се крши кој пат да го фати, можно ли е разидување меѓу Села и Таравари?

Во септември истата година, пак, објавивме дека АА предизборно ќе се крши кој пат ќе го фати, при што јавно го поставивме прашањето дали е можно разидување меѓу Таравари и Села? Неколку месеци подоцна, АА се скрши на 2 дела.

Влатко Стојановски

Поврзани новости