Таравари: Ако денеска се направи попис, ќе излезе дека во одредени места има повеќе гласачи на ДУИ отколку жители

by Fokus

Шефот на изборниот штаб од Алијансата за Албанците Арбен Таравари во изјава за новинската агенција ИНА вели дека ќе достават десетици приговори до Државната изборна комисија за гласањето во Долнени, Пласница, Битола и во Кичево.

„Имаме чисти случаи на изборен фалсификат кој се случуваше од 19 часот до 21 часот. Токму во тој момент се прави несфатливата разлика во резултатите. Местењето придонесе во Долнени ДУИ да добие 2200 гласа а ние само 200, во Пласница, резулатот е 2000 за нив 100 за нас, што е надвор од умот. Има навистина многу вакви случаи. Ова се случува во Кичево. Разликата е толкава што се коси со здравиот разум. Или на одредени избирачки места во Битола, каде има многу малку или воопшто нема гласачи Албанци а ДУИ има стотици гласови. ‘Силувањето’ на гласовите е практика која ДУИ ја повторува во секој изборен циклус. Тоа е знак за тоа колку сме далеку од демократија“, вели Таравари.

Според него, доколку денеска се направи попис, ќе излезе дека има повеќе гласачи на ДУИ отколку луѓе што живеат во одредени места.

 

Поврзани новости