Националната установа за народни игри и песни ансамбл „Танец“ добива нов директор. Како најсериозен кандидат за оваа функција се споменува музичарот и перкусионист Мартин Вучиќ. Тој за Фокус потврдува дека постои можност да застане на чело на институцијата, но додава дека се уште е рано да се коментира на темава зашто ништо не е дефинитивно.
-Јас се пријавив на конкурсот, но резултатите ќе се знаат од понеделник. Министерството ќе ги соопшти, па рано е да коментирам било што – изјави Вучиќ.
Триесет и шест годишниот Вучиќ се занимава со музика уште од најрана возраст. Тој е во музичко семејство, син е на музичарот и ТВ водител Драган Вучиќ и на Весна, ќерка на легендарниот Пеце Атанасовски, изведувач, аранжер и композитор на македонски фолклорни песни. Тој ја претставуваше Македонија на Евровизија во Киев во 2005 година, сними повеќе хитови, а денес е дел од Македонската Филхармонија.
Околу веста дека Вучиќ е можниот нов директор на националниот ансамбл, повеќето вработени во „Танец“ коментираат дека станува збор за компетентна личност, со одлично музичко познавање и искуство, но и соодветно образование. Според нив, токму личност од неговиот калибар е она што и потребно на институцијата која ги претставува традицијата и фолклорот на нашата земја.
Лани „Танец“ се најде во центарот на вниманието на јавноста, кога беше сменет директорот Зоран Џорлев и за в.д. директор беше поставен Стојанче Павловски. Вработени во институцијата реагираа дека Павловски е човек со средно градежно училиште и не е вистинската личност за функцијата.
Вики Клинчарова