Тамара ја одбивале трипати, а роднини на владини функционери експресно добивале пари

by Fokus

Текстот е објавен на 13 февруари, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1010

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Син ми умре! Умре, чекајќи да замине на операција во странство. Умре затоа што не успеваме да собереме 120.000 евра, кои можеби ќе му помогнеа да остане жив и да биде со своето семејство. Надлежните институции не се потресоа за случајот, го отфрлија барањето за негова операција во странство и тој умре. Не можеше да ја издржи долгогодишната битка со болеста.

Ме боли срцето што не го спасив своето чедо. Но, затоа, еве, си седам на кејот на реката Вардар, зад мене свири тивка музика, а пред мене спомениците на Александар Македонски, Цар Самоил, Гоце Делчев, Даме Груев, тука се и жалните врби и уште еден куп други споменици на плоштадот. Важно Владата остварува, луѓето демек работат цело време. А, тоа што листата на луѓе кои чекаат на милост од државата за лекување во странство се зголемува не е важно, важно е дека треба да се трошат милиони евра за споменици, фонтани и за спортски објекти неопходни за човек да се чувствува среќен.

Ова тажно, но иронично писмо, полно со гнев, пред повеќе од две години до медиумите го испрати револтиран родител, кој го изгубил својот син. Тој побара од новинарите да не се објавува името на неговото дете, бидејќи никој не му помогнал додека бил жив, а сега барем нека почива во мир.

За да се вратиме на оваа тажна приказна која се случи пред неколку години нѐ потсети трагичната судбина на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, која имаше искривување на ’рбетот и до последен момент се надеваше дека ќе замине на операција во странство за да продолжи да живее како сите други деца. Но, нејзината желба не се оствари. Таа во понеделникот почина, иако од министерот за здравство Никола Тодоров и од Фондот за здравство доби ветување дека операцијата на ’рбетот ќе се изврши на државна сметка. Колку само деца добија празни ветувања?

 ЛЕКАРИТЕ ДАВАЛЕ ТРИПАТИ КОНЗИЛИЈАРНО МИСЛЕЊЕ, КОМИСИИТЕ ОДБИВАЛЕ

Приказната за деветгодишното девојче од Велес кое има искривување на ’рбетот во јавноста излезе пред три месеци, откако нејзините родители упатија апел до сите хумани луѓе, ако можат да донираат пари за нејзиниот седми по ред оперативен зафат во странство, бидејќи лекарските комисии на ФЗОМ го отфрлиле нивното барање и не сакале да помогнат.

Меѓутоа, здравствената голгота на малата Тамара почнува многу порано, пред нејзиниот случај да излезе во јавноста. Таа битката со институциите и со лекарските комисии ја почнува пред три години, но нејзините обиди да издејствува лекување во странство биле безуспешни, бидејќи здравствените власти сметале дека сѐ уште постојат можности да се лекува во државата.

Според информации на „Фокус“, на двете конзилијарни мислења што биле издадени во април и во октомври лани пишувало дека станува збор за итен случај, иако веќе неколку дена директорката на Фондот за здравство Маја Парнаџиева – Змејкова и првиот човек во здравството Никола Тодоров тврдат дека на документите ја немало назнаката „итност“ и вината ја префрлаат на лекарите.

Но, ваквите тврдења ги побива медицинската документација на која јасно пишува дека лекарскиот конзилиум дури трипати се изјаснил оти девојчето под итно треба да замине на лекување во странство. Дел од лекарите коментираат дека нејзиниот живот можел да се спаси, само ако се реагирало навреме. Според нив, искривениот ’рбет постојано ја притискал на срцето, а кардиоваскуларните и белодробните инфекции што можела да ги добие, само дополнително би ја влошиле состојбата. Тие, од медицински аспект, тврдат дека, ако лекарските комисии и надлежните институции сериозно си ја сфателе работата, до ваков исход сигурно немало да дојде. Тамара, во долгиот период додека чекала одобрение од комисиите, нејзиниот рбет се повеќе се искривувал, со што таа станува жртва на „болниот“ здравствен систем.

Сепак, нашите извори велат дека ова не биле доволни аргументи за првостепената комисија во Фондот, која барањето го одбила во април, а неколку месеци подоцна, во октомври, истото го направила и второстепената комисија.

Додека малата Тамара чекала сите засегнати во случајот да ја сфатат сериозноста на нејзината болест и да реагираат, од ден на ден таа сѐ повеќе прогресирала, а нејзината здравствена состојба сѐ повеќе се влошувала.

Во ноември, конечно под притисок на јавноста, министерот Тодоров најави дека девојчето ќе се оперира во странство на државна сметка, за подоцна, на 12 декември, да стигне и соопштение од Фондот со истата содржина, но со мал додаток, дека операцијата ќе биде извршена во Турција. Оттогаш поминаа речиси два месеца, а семејството никогаш во рака не го доби решението од комисиите, туку сѐ остана само на усното кажување и фалење по медиумите. Срцето на девојчето не го издржа притисокот на искривениот ’рбет и градниот кош и таа во понеделникот почина во велешката болница, а за нејзината операција беа потребни само 30.000 евра.

Зошто надлежните институции и лекарските комисии не реагирале толку долго време, иако документите покажуваат дека се работи за итен случај? Кои биле причините што дури откако беше одобрено лекувањето во странство, работата да заглави во бирократски процедури? Дали министерот и директорката на Фондот ќе сносат одговорност поради прераната смрт на малата Тамара? Зошто 30.000 евра беа причина така трагично да заврши еден детски живот?

Сепак, неколку дена пред да почине, како што тврди нејзината мајка, таа била најсреќна на целиот свет бидејќи надежта ѝ ја поткрепила веста дека конечно ќе може да ја однесат на лекување. Но, не во Турција, туку во Чикаго од каде што добиле повик за бесплатно лекување и оперирање.

Во петокот добивме писмо од болница во Чикаго, од каде нѐ информираа дека бесплатно ќе ја лекуваат и ќе ја оперираат. По оваа вест Тамара беше најсреќното дете, ѝ се врати радоста, беше пресреќна. Поради искривениот ’рбет се жалеше на болки во градите, на срцето. Така и утрово околу 3 часот ни рече дека ѝ е тешко. Ми рече, „мамо ме боли срцето, дај ми ја раката да ме чуваш. Немој да плачеш за мене, те молам, не сакам да плачеш“. Потоа се заврте и заспа – изјави пред неколку дена нејзината мајка Жаклина.

Двете надлежни институции и нивните раководни лица од кои деновиве се бара оставка сметаат дека немаат никаква одговорност за смртта на деветгодишното девојче. Тодоров во вторникот тврдеше дека е разочаран, ама вината не ја гледа во себе. Тој направил сѐ што е во негова моќ да се спаси животот на девојчето. Со истиот став, ден претходно излезе и директорката на ФЗО, која смета дека не треба да сноси одговорност за случајот, а вината ја префрли на лекарите, кои, според неа, тврделе дека не се работи за итен случај.

И додека здравствените власти упорно тврдат дека не се одговорни, социјалните мрежи се преплавени со негативни коментари и погрдни зборови упатени на нивна адреса. Оставка од нив побараа и дел од политичките партии.

ИМИЊАТА НА ЛЕКАРИТЕ ВО КОМИСИИТЕ – ДРЖАВНА ТАЈНА

Одлуките за лекување и операција во странство ги носат две лекарски комисии, првостепена и второстепена, кои се под раководната палка на Фондот за здравство. Во двете комисии има по 14 лекари од сите области. Сите барања од пациенти, кои ги исцрпиле сите можности за лекување во државата, па мора операција да извршат во странство најпрвин доаѓаат до првостепената, а потоа одлучува второстепената комисија. Во случајот со 9-годишната Тамара и двете комисии го одбиле барањето за нејзино лекување во странство.

Кои се лекарите што работат во двете комисии и зошто нивните имиња претставуваат државна тајна? Овие две прашања ги поставивме и до здравствените власти, но од таму не добивме одговор. Од Фондот дури побаравме да ни испратат список со нивни имиња и презимиња, но тоа остана само барање на кое добивме чуден одговор:

– Не можат јавно да се откријат имињата на лекарите во комисиите затоа што сите ќе ги бараат и ќе фаќаат врски преку нив. Од таа причина не можеме да ви ги кажеме – нѐ известија од Фондот.

Но, „Фокус“ преку свои извори откри неколку имиња, при што дознавме дека претседателка на првостепената комисија е Викторија Чаловска од Клиниката за гастроентерохепатологија додека со второстепената комисија раководи ортопедот Анастасика Попоска, мајка на министерот за надворешни работи, Никола Попоски. Таа пред две години се кандидираше и за претседател на Македонското лекарско друштво и на Лекарската комора, од каде што во последен момент се повлече од изборната трка. Лани, пак, ја доби државната награда „23 Октомври“! Исто така, член на една од комисиите е и трауматологот Виктор Камиловски, претседател на Советот на Општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За него веќе пишувавме дека има уште неколку функции во комисии.

Член на второстепената комисија е и доктор Аспазија Софијанова која го потпишала барањето, со кое е одбиено лекувањето на Тамара во странство. Таа тврди дека не е виновна, бидејќи воопшто не била присутна во државата кога се носела одлуката на комисијата, само и се јавиле да се потпише на решението.

– Од Фондот за здравство ми се јавија да се потпишам на решениеето со кое се одбива лекувањето на Тамара во странство, бидејќи чекале да се отвори Спиналниот центар на Клиниката за траума – тврди Софијанова.

Симптоматично во приказната е тоа што доктор Илир Хасани, директор на Клиниката за ортопедија, кој е член на првостепената комисија се изјаснува против лекување на Тамара во странство, а подоцна става потпис на конзилијарното мислење на кое се наведува дека девојчето е итен случај. Уште почудно, е тоа што доктор Хасани и доктор Попоска и двајцата се ортопеди и требало да знаат од стручен аспект, дека може да дојде до поголемо искривување на рбетот, што подоцна и се случило. За коментар ги баравме и двајцата лекари, но тие не одговараа ниту на нашите телефонски повици, ниу на смс-пораките.

Како што неофицијално дознаваме, Тамара не е единственото девојче кое неколкупати било одбиено од Фондот за здравство за лекување во странство. Нашите извори коментираат дека листата на деца што чекаат е долга, а очигледно ФЗОМ нема доволно пари, па затоа децата се одбиваат по неколкупати.

Доктор Ѓорѓи Оровчанец, поранешен министер за здравство, вели дека тие лекарски комисии очигледно си одлучуваат како ќе им текне или како ќе им наредат.

Тие демек се трудат нешто да направат, ама јас мислам дека функционираат како ќе им текне. Конкретно, во случајот со малата Тамара, ако се знае дека од 2011 година, девојчето било трипати одбиено од лекарските комисии, тогаш е дегутантно за што било да зборуваме. Некој мора да сноси одговорност во овој случај. Факт е дека се чекало многу време, што влијаело лошо врз здравствената состојба на девојчето – вели Оровчанец.

На прашањето, зошто се кријат имињата на членовите на лекарските комисии, тој одговара:

Баш ме интересира што е проблем да се објават нивните имиња? Демек некој ќе им додева. Па, се знае дека кај нив се упатуваат луѓе што имаат здравствени проблеми, а не здрави луѓе. Значи, секако ќе им додеваат – вели Оровчанец.

Според неофицијални информации до кои дојдовме, овие две комисии знаат да бидат многу брзи и експедитивни во одредени случаи, нормално, во зависност од тоа кој е пациентот. Пред неколку месеци, експресно се решени два случаи на блиски роднини на владини функционери, на кои по кратка постапка им биле одобрени барањата за лекување во странство. Краткиот одговор на нашите извори беше „тоа се партиски комисии“.

„Фокус“ испрати неколку прашања до ресорното Министерство и до ФЗОМ. Меѓу другото, прашавме колку барања за операции во странство се поднесени во текот на минатата година, колку пари се одобрени и колку се потрошени. До затворањето на овој број на неделникот, од Фондот не добивме одговор, но потребните информации ги најдовме на провладините медиуми. Според нив, осигурениците во 2014 година поднеле вкупно 215 барања, од кои позитивен одговор добиле 94.

ЛИСТАТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОПЕРАЦИИ ВО СТРАНСТВО СЕ ЗГОЛЕМУВА

Давид, Сања, Стефанија, Јована, Драган, Мартина, Матеј се само дел многубројните имиња ставени на листата на чекање за операции во странство. Тие лесно можат да се пронајдат на веб-страницата „донации.мк“ наменета за донирање пари на сите што имаат потреба од лекување надвор од државата. Таму можат да се најдат бебиња од по неколку месеци, па сѐ до девет-десетгодишни деца. На нивниот број им нема крај, а сумите за операции најчесто се движат од 50.000 до 250.000 евра, во зависност од тоа за која болест и за каква операција станува збор.

Дел од семејствата тврдат дека надлежните институции не се заинтересирани да им помогнат, па многу често се обраќаат до поголемите фирми. Се случува некои од нив да пуштат срце и да донираат поголема сума. Најчесто, добиените пари ги добиваат од обичните граѓани, од нивните доброволни прилози преку мобилните оператори и со помош на пријатели.

Во 2011 година, на предвремените парламентарни избори, во својот манифест Никола Груевски даде ветување дека сите болни што имаат потреба од лекување во странство, тоа ќе го добијат за само 200 евра. Се чекаа цели две години за да се исполни ова ветување со конкретни законски измени, но откако се исполни, бројот на пациенти кои добиваат „зелена карта“ за лекување надвор од државата се преполови, односно се врши голема селекција на „добитниците“.

Тоа може да се забележи и по потрошените пари во последните две години. Ако за 2013 година од фондовската каса биле потрошени 2,8 милиони евра за лекување во странство, таа сума за 2014 се намали на 1,7 милиони евра.

На еден митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, во текот на последните изборни циклуси, во првите редови стоеше едно четиригодишно дете со црвена маичка и црвено капче на кое пишуваше „реформите ќе победат“. Тоа беше дојдено со својата мајка. Во таа пригода, премиерот го најави лекувањето во странство за само 200 евра. Тоа за детето и за неговата мајка значеше многу, бидејќи семејството требаше да плати 180.000 евра за операција во странство зашто малиот боледуваше од акутна леукемија.

Нема информации што се случи со тоа дете, дали е оперирано и ако е, како поминала операцијата? Но, јасно е оти надлежните институции треба сериозно да си ја сфатат работата, да реагираат навреме, да не ги селектираат случаите по партиска припадност на пациентите и да го отворат чекмеџето, бидејќи кога можат стотици милиони евра да трошат за барокни зданија, тогаш може да се спасат и детски животи.

Рамка:

МАРТИНА ДОБИ „ЗЕЛЕНО СВЕТЛО“ ОД ФОНДОТ

Дванаесетгодишната Мартина Стојковска од Струмица има деформитет на ’рбетниот столб, кој треба итно да се оперира во Турција, но за интервенцијата се потребни 40.000 евра, пари кои нејзиното семејство ги нема. Девојчето пред три дена добило позитивен одговор од лекарските комисии откако медиумите кренаа фама за неодговорноста на лекарските комисии и надлежните институции во случајот со Тамара.

Рамка:

ОБВИНИТЕЛСТВО ПОКРЕНУВА ИСТРАГА ЗА ТАМАРА

Основното јавно обвинителство – Скопје, по допрен глас, оформи предмет за случајот со 9-годишната Тамара Димовска од Велес.

Од таму информираат дека е назначен надлежен јавен обвинител, кој ќе го разгледа предметот и ќе почне постапка за утврдување на фактите и на евентуалната одговорност за смртта.​

Поврзани новости