Љупчо Николовски: Груевски нема пак да биде премиер, туку ќе одговара за криминал од над 5 милијарди евра!

by Фокус

Ова интервју е објавено на 03.06.2016 година, во неделникот Фокус во бројот 1.078

Шефот на кабинет на Зоран Заев, Љупчо Николовски, беше најприсутен во јавноста од сите опозициски членови во пржинската влада за спроведување на парламентарните избори, како дополнителен заменик-министер за земјоделство, од каде што излегоа дузина афери, главно поврзани со злоупотреба при распределбата на земјоделското земјиште и селективното делење на субвенциите. По изборите, СДСМ успеа да формира влада, во која Николовски ќе биде министер за земјоделство, па ќе може да продолжи таму каде застана. Во интервју за Фокус во средината на минатата година, тој говореше дека присуството на опозицијата во владата на ВМРО-ДПМНЕ помогнало да се разоткријат дел од криминалите во овие ресори, најавувајќи дека Никола Груевски и неговите соработници ќе одговараат за украдените пари по промената на власта.

Разговарал Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС Бевте дел од преодната влада како еден од дополнителните заменици министри во ресорот земјоделие. Колку овој модел се покажа успешен, со оглед дека оваа влада веќе не постои откако не ја исполни основната цел да спроведе избори?
НИКОЛОВСКИ На крајот констатиравме дека оваа влада нема услови да функционира, што се потврди со едностраните, насилни и незаконски одлуки на владата, која поништи стотици решенија на министрите од СДСМ, Оливер Спасовски и Фросина Ременски. За време на шесте месеци се соочивме со низа блокади и опструкции во текот на нашата работа. Иако имавме права и надлежности за пристап до сите информации, податоци и документи со кои располага министерот, додека сите вработени имаа обврска да одговараат на нашите барања, службите и министерот не игнорираа. Во целиот период до мене не беше доставен ниту еден документ за кој требаше да направиме проценка дали треба да има двоен потпис, како што налага Законот за влада. Дури, тимот од мојот кабинет наиде на такви опструкции, па и вратата на министерот беше затворена кога баравме пристап до одредени податоци и информации.
Но, тоа е само едната димензија, бидејќи сепак сметам дека нашето присуство во владата даде одредени резултати, па една од причините за нејзиното укинување со еднострана одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е нивниот заклучок дека колку повеќе ние сме внатре во институциите, толку повеќе во јавноста излегуваат злоупотребите и криминалите што ги правеле.

ФОКУС Кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ практично ја вратија старата влада, што мислите, зошто не отидоа до крај и зошто Никола Груевски не се врати на премиерското место? Нели и технички премиер за спроведување на изборите треба да се избере сто дена пред изборите?
НИКОЛОВСКИ ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја погазија секоја нивна одлука досега и така и оваа одлука за укинување на техничката влада сами ќе си ја погазат. Тие цела година наназад ги повлекуваат своите ставови и ретерираат од нивните политики, за разлика од нас кои цврсто и конзистентно стоиме на сите наши принципиелни одлуки, во рамките на коалицијата со другите партии и со невладините организации. Затоа и кога беше незамисливо дека Груевски ќе се повлече, дека ќе има нова влада и ново обвинителство, дека ќе се одложуваат изборите се додека навистина не се исполнат сите услови, сето тоа во меѓувреме стана реалност. Груевски нема простор за враќање, ќе одговара за криминалните политики што ги спроведуваше. Тој е минато за оваа држава и од него ништо не зависи. Особено сега, по сериозните обвинувања од СЈО кое има одредени сомневања и акти за врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Дали можеби сега ќе се бара друг тип на влада? Експертска, на пример, која би можела да ги спроведе неопходните реформи, со оглед дека политичките партии водат тивка војна?
НИКОЛОВСКИ Овој модел не беше успешен од причина што недостигаше волја кај владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за спроведување на Пржинскиот договор и држењето до законите што произлегоа од него. Меѓутоа, дури и таквото наше присуство резултираше со тоа да испливаат на површина криминалите поврзани со владејачките функционери, особено во министерството во кое бев, каде што најмногу ги демистифициравме нивните лицемерни политики додека милуваат самите себе да се нарекуваат земјоделска влада. Владејачките партии го погребаа договорот од Пржино, но не можат да избегаат од одговорноста што ја презедоа. Затоа, обврските од овој договор се клучни за фер, слободни и демократски избори и затоа треба да се потпираме на него. Договорот од Пржино треба да биде основа на некоја идна влада, која мора да биде креирана со цел да спроведе фер и демократски избори. Значи, контурите од Пржино треба да бидат основа за решавање на останатите проблеми и обврски.

ПОВЛЕКУВАЊЕ НА АБОЛИЦИЈАТА, АКТИВНА РЕГИСТРАЦИЈА НА ГЛАСАЧИТЕ И РЕФОРМА НА МЕДИУМИТЕ

ФОКУС Што доколку претседателот Ѓорге Иванов не ја повлече во целост одлуката за аболиција, на што строго инсистирате? На крајот на краиштата, кој гарантира дека во кое било време нема да ја суспендира работата на СЈО со нова аболиција?
НИКОЛОВСКИ Аболицијата е срамен чин од страна на Иванов. Тој со секое излегување во јавност, дома и во странство, прави гафови паралелно со носењето одлуки кои директно го рушат правниот поредок во државава, вовлекувајќи ја во уште подлабока криза. Тој нема храброст со само едно појавување во јавноста да го порече тоа што го направи, но ние сме убедени дека аболицијата во целост ќе биде повлечена. Ставот и на домашната и на меѓународната јавност е дека мора да го вратиме владеењето на правото како еден од столбовите и темелните вредности на уставниот поредок. Мора да обезбедиме услови секој граѓанин да одговара за своите постапки, а најмногу политичарите кои имаат најголема одговорност. Клучната порака на меѓународната заедница е целосно повлекување на аболицијата и цврсти гаранции за СЈО. Токму ова обвинителство, кое го изгласаа сите партии, е прва независна институција која треба да ја врати правната држава.

ФОКУС Колку време е потребно за темелно чистење на избирачкиот список и дали ДИК во овој формат и состав има капацитет да го стори тоа? Еврокомесарот Јоханес Хан препорача меѓународна проверка на списокот, што алудира дека можеби е потребна и промена на методологијата.
НИКОЛОВСКИ Ние бевме целосно активни во ДИК се до оној момент додека траеја обврските за списокот, за да имаме контрола и увид и на крајот резултатот е плус 5.000 гласачи. Во списокот сѐ уште се сите сомнителни луѓе, дури и оние од Пустец. Но, со опциите што стојат на располагање, меѓу кои и активната регистрација, може да се изгради методологија и да се обезбедат ресурси за прочистување на списокот.

ФОКУС Американскиот амбасадор Џес Бејли неодамна изјави дека има позитивен напредок во медиумите, каде што опозицијата почна да добива поголем простор, но дали тоа е доволно? Колку сте вие задоволни од генералната медиумска слика?
НИКОЛОВСКИ Македонија е на дното на сите меѓународни листи на слободата на медиумите. Само преку Министерството во кое бев, покажавме и докажавме колку милиони евра одат кај фирми блиски до власта, кај луѓе кои се сопственици на медиуми, за разно-разни тендери. Тука се фирмите блиски на семејствата на Љубислав Иванов – Ѕинго, чиј син е сопственик на Сител, на Сеад Кочан, кој ја отвори телевизијата Нова. Тоа се телевизии кои одработуваат за власта. Дури видовме и новинари како се дебело платени преку ресурсите во министерството за да се сокрие вистинската слика во општеството. Медиумски реформи мора да има и според договорот од Пржино и според итните реформски приоритети од извештајот на Прибе. Неопходна е одредена рамка за гаранција на непристрасност и објективност на медиумите, кои мора да бидат слободни.

СО СУБВЕНЦИИТЕ СЕ КУПУВААТ ГЛАСОВИ И СЕ ПОЛНАТ ЏЕБОВИТЕ НА ЛУЃЕ ОД ВЛАСТА

ФОКУС Пред некој ден порачавте дека власта ќе мора да го врати секој украден денар изнесен надвор од државата. За колкава сума на испумпани народни пари проценувате дека станува збор?
НИКОЛОВСКИ Во меѓународни извештаи стои дека меѓу 5 и 7 милијарди евра се испумпани надвор од Македонија, што е логично, имајќи го предвид целосното окупирање на економијата и државните ресурси од страна на една фамилија во врвот на власта. Ние само со делумно учество во власта, со ограничени надлежности, документиравме дел од украдените пари.

ФОКУС Што успеавте да документирате во однос на трошењето на субвенциите? Дали тие завршувале во рацете кај вистинските земјоделци за развој на земјоделството, или, пак, служеле за поткуп на гласачкото тело?
НИКОЛОВСКИ Откривме милионски криминали за што поднесовме кривични пријави. Пред некој ден поднесов кривична пријава за случајот „Корал“ поврзан со семејството на градоначалникот на Демир Капија, Трајче Димитриев – Апашот. Видовме дека лице кое ниту е управител ниту сопственик на фирмата, односно неговата сопруга, може да поднесе барање за субвенции, министерот да го потпише договор и истиот ден директорот на агенцијата да исплати пари за субвенции. Кривична пријава доби и министерот Михаил Цветков, кој склучил договори со фирма ќерка на „Силекс“, во чиј Управен одбор членувал.
Преку Министерството за земјоделство и ресурсите со кои располага, Груевски се обидува да манипулира со земјоделците и со огромната категорија гласачи. Оваа влада, која сака да се нарекува земјоделска, го окупирала овој сектор. Станува збор за организиран систем на криминал. Зборувавме со примери како луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, пратеници, функционери, добивале државно земјиште.
Има и уште еден систем на криминал – земјоделското земјиште го добивал еден човек, кој го дава на подзакуп на друг земјоделец за да го работи, а субвенциите ги зема закупецот, што е кривично дело. Во најголем дел субвенциите не завршуваат кај вистинските земјоделци, особено не навремено. Тие со правосилни судски извршни пресуди не добиваат субвенции и чекаат исплати за 2011 или за 2012 година.

ФОКУС Министерството за земјоделство доделува земјоделско земјиште, врз основа на што закупците добиваат субвенции од страна на, барем формално, независна Платежна агенција, која патем речено има обврска да прави контрола како се потрошени парите. Како функционира оваа шема?
НИКОЛОВСКИ Платежната агенција е една од најконтроверзните институции. Не може институција која располага со буџет од над 100 милиони евра да нема отчет и транспарентност како се трошат парите. Иако имаше законска обврска да ни одговори на барањата како се исплаќани пари на поединечни корисници, дали се вршени контроли и слично, тие нѐ игнорираа. Платежната агенција има обврска да контролира како се трошат парите и до министерот два пати годишно да поднесе извештај за тоа, но нам не ни ги даваа тие извештаи, ниту Платежната агенција, ниту министерот. Јас неколку пати прашувам дали во ЗК Пелагонија на Орце Камчев агенцијата отишла во контрола? Според податоците до кои дојдовме, милиони евра годишно одат во ЗК Пелагонија, а Светска банка констатира дека големите земјоделски комбинати се уште добиваат непропорционално висок дел од субвенциите, додека трошоците на субвенциите имаат тенденција да бидат многу нестабилни и нагло растат пред избори. Само во 2015 година, два дена пред изборите, речиси 50 милиони евра се исплатени од страна на Платежната агенција на земјоделците без да се почитува роковникот.

ФОКУС Како го објаснувате фактот што додека се трошат милионски буџетски средства за стимул на земјоделството, не се користат поволни, но строго наменски странски средства, кои со години стојат нечепнати на сметката?
НИКОЛОВСКИ Јапонската помош е класичен пример за тоа. Според извод од Народната банка, во моментов, над 5 милиони евра лежат на сметката и не се користат со години, а токму тие средства треба да се користат за осовременување на земјоделската механизација. Тоа се бескаматни кредити кои треба да дојдат до вистинските земјоделци. Според комисијата формирана од Цветков, пак, стотици илјади евра без покритие се повлечени од наменската сметка во министерството, која е наменета за зголемување на производството на храна во земјава.
Податоците до кои дојдовме покажуваат дека стотици должници не ги вратиле кредитите, меѓу кои и познатиот земјоделски лидер Вељо Тантаров, близок до власта, кој зел кредит од над еден милион денари во 2001 година и се уште не го вратил. Има случаи каде што оваа механизација е давана без договори, што е класична злоупотреба. Сите знаат зошто немаме донации од јапонската влада и зошто не се користат други фондови.
ФОКУС Ако се има предвид статистиката дека колку повеќе се истураат субвенции, толку повеќе се зголемува увозот на храна и добиток, тогаш е јасно дека тие служат само за купување социјален мир или за задоволување лични интереси.
НИКОЛОВСКИ Ќе кажам еден пример. Со дополнувањето на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството во 2015 година, доделена е нова мерка за субвенционирање на младо растение од родот „орхидеи“ во ин витро услови, со краток рок на аплицирање од само 5 дена. Притоа, само една фирма во РМ ги исполнува бараните критериуми, а предвидени се стотици илјади евра за субвенционирање?! Каде е овде конкурентноста и придобивката на македонскиот аграр од оваа мерка? И пред и после субвенциите, кои се државна мерка, имаме поразителни бројки во увозот и извозот на храна и живина. Увозот од 2006 година е удвоен. Статистиката говори дека за 1,7 пати е зголемен увозот на месо и преработки од месо, двојно на млечни производи и јајца, 2,2 пати на овошје и зеленчук, 2,6 пати на добиточна храна. Ако субвенциите биле развојни, ако крајни корисници биле вистинските земјоделци, немало да имаме намалување на домашното производство.

 

ПОДГОТВЕНИ СМЕ ЗА ФЕР ИЗБОРИ НАЕСЕН

ФОКУС Во каква кондиција е партијата, дали е подготвена за избори и кога посакува тие да се одржат?
НИКОЛОВСКИ СДСМ е целосно подготвен за претстојните избори, и организациски и програмски да ја згазиме власта на фер и демократски избори. Тука се раѓа нова енергија, дух, пристап и концепт на работа и со нашето учество во владата покажавме како одговорно и чесно се однесуваме во институциите и како работиме во интерес на граѓаните. Покажавме дека може поинаку. Предвидуваме помалку пратеници, министри, секој буџетски денар да биде отчетно потрошен и транспарентно оправдан, после втората година јавниот обвинител да се предлага од опозицијата, ќе го преполовиме бројот на возила во министерствата и ќе скратиме огромни трошоци…
Опозицијата е спремна за избори наесен и сметаме дека изборите треба да бидат што побргу штом, се разбира, за тоа се создадат услови. А, доколку аболицијата биде веднаш повлечена во целост, што е основен предуслов за било какви други разговори, и ако се исполнат сите други обврски, неопходно ќе биде формирање Влада која ќе организира фер и демократски избори, чиј резултат ќе биде создавање нова демократска власт. Груевски е тој кој целиот овој период бега од фер, слободни и демократски избори, мислејќи дека ќе ја спаси на тој начин сопствената кожа.

 

„БОМБИТЕ“ ГО РАЗБУДИЈА И ГРАЃАНСКОТО ДВИЖЕЊЕ

ФОКУС Како ја оценувате улогата на граѓанското движење и колку тоа се наметна како фактор во политичките разврски?
НИКОЛОВСКИ Она што е факт, во периодот после проектот „Вистината за Македонија“, односно објавувањето на политичките „бомби“ од страна на претседателот Зоран Заев, кој имаше храброст, одлучност и решителност да обелодени на кој начин се организирани изборите, како се корумпирани гласачите, како се спроведувале тендери, како се договарале провизии, како се местеле судии и обвинители, целата јавност беше запозната со сите реалности. Овој проект придонесе да се разбуди и граѓанското општество и затоа токму денес на заедничка страна ги имаме партиите и слободоумните граѓани, невладините организации, интелектуалците, поединци кои и минатата година на 17 мај се приклучија на најголемиот протест во поновата македонска историја, но и денес се заедно на улиците. Тие се борат за основните вредности, за слобода, правда и демократија. Најголемиот дел од политичките партии и невладини организации, кои се и лево и десно ориентирани, ја потпишаа Платформата за демократска Македонија и се обединија околу основните принципи за враќање на демократијата. Тие се клучен сегмент од битката за Македонија. СДСМ е партиципиент и поддржувач на сите протести овој период. Оваа битка не е лична или партиска битка, бидејќи Груевски и тоа што го правеше овој период, заедно со неговата криминална банда, успеаја да ја обединат цела демократска Македонија.

Поврзани новости