До 10 години затвор за пратениците кои им помагаа на силеџиите!

by fokus

Текстот е објавен на 4 мај 2017 година, во неделникот „Фокус“, во бројот 1126

Пишува: Валентина ВУРМО

Кога републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски и неговата колешка, шефицата на Основното јавно обвинителство Скопје, Гордана Гешкоска, ќе се пофалат дека на одреден предмет работат повеќе обвинители, станува јасно дека сепак ништо нема да сработат. Големиот број ангажирани обвинители, дури 23, им беше оправдување дека работат и на случајот со нелегалното прислушување, за на крајот да се прогласат за неспособни, со формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Сега, кога по крвавиот четврток во Собранието, сите погледи се вперени токму во нив, повторно ја убедуваат јавноста дека ажурно работат, повикувајќи се на квантитет, наместо на квалитет. Па така, важно им беше да споделат дека на овој случај се ангажирани шестмина обвинители, со можност нивниот број да се зголеми, а од друга страна, по пет дена, имаа одвај 20 осомничени, и тоа само за едно кривично дело – „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Од друга страна, правните експерти и кривичари редат десетици кривични дела кои треба да им се стават на товар на насилниците и тоа од терористички напад, обид за убиство, па се до велепредавство и тероризам. Децидни се дека тоа што се случи во Собранието, кога беа повредени над сто пратеници, новинари и полицајци, не беше обичен протест на „спонтано собрани патриоти“, кој наеднаш стана насилен, туку беше чин на добро организирана толпа, која имаше задача да изврши крваво злосторство.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВО ЗАШТИТА НА НАСИЛНИЦИТЕ

Досегашната истрага на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, речиси една недела по крвавиот настан, личи на онаа народната, турни ме да кинисам. Додека на социјалните мрежи случајот веќе се расчисти, односно се идентификуваа речиси сите тепачи, соучесници и организатори, надлежните институции одат кроце. До затварањето на овој број од неделникот од МВР информираа дека поднеле кривични пријави најпрвин против 15, па дополнително против уште пет лица, и тоа за кривичните дела „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ според член 385 и Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ според член 384 од Кривичниот законик. Од обвинителството, пак, и тие ја информираа јавноста, но во нивното соопштение, случајно или не, едното кривично дело, или она посериозното, според член 358 е избришано.

За кривичното дело кое остана во обвинителството предвидени се затворски казни од три месеци до три години, а за избришаното, од една до десет години.

Во членот 384 од Кривичниот законик, се вели:

Тој што учествува во толпа што со заедничко дејствување ќе спречи или ќе се обиде да спречи службено лице во вршење на службено дејствие или на ист начин ќе го присили да изврши службено дејствие, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Водачот на толпата, ќе се казни со затвор од една до пет години.

За учество во толпа што ќе изврши кривично дело според членот 385 од КЗ, пак, предвидени се двојно повисоки казни.

„Тој што ќе учествува во толпа што со заедничко дејствување ќе стори насилства спрема луѓе или ќе оштети или ќе уништи имот од поголема вредност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако при дејствувањето на толпата некое лице е лишено од живот или тешко телесно повредено или настапила штета од големи размери, учесникот во толпата за самото учество, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години. Водачот на толпата, ќе се казни со затвор од една до десет години“.

Но според правните експерти овие две кривични дела ниту одблизу не го опишуваат кривичниот настан што се случи во законодавниот дом, или тероризирањето од 1 час и 18 минути, како што ни опишаа дел од пратениците.

Според универзитетската професорка Мирјана Најчевска, чија потесна специјалност е владеење на правото и правната држава, по сите параметри станува збор за терористички атак со инволвираност на високи функционери од МВР и од власта.

Не се работи за никаква тензија, не се работи за револтиран народ, не се работи за толпа. Станува збор за организиран акт на велепредавство. Терористички напад на паравојска врз највисоката државна институција- Собранието. Толпата народ е само штит за изведување на терористичкиот напад. Водачите и непосредните извршители треба да бидат судени според членовите: 305, 312, 313, 325, 326 и 327 од Кривичниот законик. Ова е организиран терористички напад во кој е вклучена полицијата, истакнува Најчевска.

ВЕЛЕПРЕДАВСТВО И ТЕРОРИЗАМ

Посочениот член 305 од Кривичниот законик е Велепредавство.

Тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок на Република Македонија или да ги собори највисоките државни органи, ќе се казни со затвор најмалку пет години“. Потоа следува кривичното дело Вооружен бунт, од член 312.

Тој што учествува во вооружен бунт насочен кон загрозување на уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија, ќе се казни со затвор најмалку четири години. Организаторот или поттикнувачот на бунтот, ќе се казни со затвор најмалку пет години.

За кривичното дело Тероризам, член 313, пак, во Кривичниот законик е предвидена затворска казна до четири години.

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку четири години“.

Казна од три до десет години, според член 325, пак, е предвидена за оној кој подготвува извршување на кривично дело.

Професорката Најчевска појаснува дека терористичкиот напад врз Собранието е долго време подготвувана акција, со јасно одредени улоги, хиерархиска поставеност и конкретна цел. Таа потсетува дека подолг период се минимизираше улогата на институциите и се повикуваше на линч. А, за да не дојде до забуна кој треба да биде линчуван, беа печатени потерници со ликовите на луѓето кои се одредени за цел на линчот. Односно, се градеше атмосфера на загрозеност, непријателство, омраза…
-Се разместуваат сили од МВР на соодветни клучни места од кои можат да помогнат во изведување на терористичкиот напад. Во конкретен момент се активира целата машинерија: се тргаат железните пречки од пред Собранието, се отвораат ширум предните врати од зградата, се блокираат сите странични излези за да не може некој да избега, полицијата во зградата и обезбедувањето се тргаат настрана и ја поведуваат толпата во напад, пратениците на ДПМНЕ во координација со организаторите на терористичкиот напад ги идентификуваат целите и ги посочуваат за егзекуција, вели Најчевска, која додава дека со целата терористичка акција раководи директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков во координација со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

НАМЕРАТА БИЛА ДА СЕ УБИЕ

Дека во четвртокот биле извршени неколку кривични дела сомнеж нема ниту адвокатот Филип Медарски. Тој појаснува дека треба да се тргне од констатацијата дека се работи за „организиран напад врз Собранието“ (квалификација од заедничкото соопштение на ЕУ, НАТО, САД и ОБСЕ), бидејќи од кривично правен аспект има огромна разлика дали се работи за организиран напад или пак за ескалација на мирни протести.

Ако тргнеме дека се работи за организиран напад, очигледно цел на нападот е највисоката институција на власта, законодавниот дом, а со тоа и државата. Од кривичните дела против државата можат да се детектираат елементи на две пропишани дела, Велепредавство и Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, вели Медарски.

Тој додава дека целата македонска јавност виде дека цел на напаѓачите беше да се лишат од живот некои од присутните пратеници.

-Удар со железен држач со тежина од 4-5 килограми по глава, не може да има друга цел. Интензитетот и времетраењето на тепањето на пратеникот Села не може да има друга цел. Тука, ако не директна, дефинитивно имаме евентуална умисла за лишување од живот. За среќа, напаѓачите не успеале во намерите и кривичното дело Убиство од членот 123 од Кривичниот законик е останато во обид, вели Медарски.

И универзитетскиот професор и поранешен разузнавач Владимир Пивоваров вели дека во Собранието се случи државен тероризам.

Во четвртокот ни се случи државен тероризам, односно кога мафијата функционира во име на државата. Да сме нормална правна држава насилниците и организаторите треба да одговараат не за неколку, туку за милион кривични дела, вели професорот Пивоваров.

Според информациите на професорот, дел од насилниците биле спремни и да извршат убиство, бидејќи освен што ги удираат пратениците со се што ќе им дојде при рака, тие правеле и ортоми, од каблите на камерите и опремата на новинарите, со кои наводно имале намера да ги задават.

Професорката Беса Арифи потсетува дека на овој начин се убивале конкурентите на султанот Сулејман, односно со свилени ортоми кои се превртувале околу вратот на неговите конкуренти за престолот.

Од толку гледање турски серии не е чудно што и насилниците потполно забегале и влегле во филмови на апсолутни монарси од средниот век, вели Арифи.

ПРАТЕНИЧКИОТ ИМУНИТЕТ ВО СЛУЧАЈОТ НЕМА ПРАВНА МОЌ

Во случајот, насилниците што ги повредија пратениците, новинарите и полицајците, нема каде да бегаат. Има толку многу видео материјали и фотографии, што вината им е залепена на чело. Но, затоа се очекува калкулациите да се водат околу помагачите и организаторите на насилната толпа, што сепак не може да издржи на долги патеки. Очигледно е дека насилниците имаа помош и од пратениците и од полицијата, бидејќи да одеше се спонтано, тогаш ќе им требаше барем малку повеќе време да ја најдат салата за прес конференција. Но, најголемиот дел од нив иако влегуваат за првпат во оваа зграда, веднаш се упатија на вистинското место. Освен што стигнаа бргу до салата на пресот, насилниците знаеја точно кого треба да нападнат. Толпата вообичаено не е толку прецизна кога е спонтана. Тоа покажува дека не зборуваме за толпа туку за добро упатени лица кои знаеле точно кому што треба да му направат.

Снимките открија дека пратеничката Елизабета Канческа- Милевска добро се познава со дел од насилниците, бидејќи со еден кој носи фантомка се прегрнува, а вториот е дури и „вистински џентламен“, па и бакнува рака. Пријателски поздрав од лице фантом доби и Владанка Авировиќ, која пак, и покрај снимката, негираше дека во Собранието видела граѓани кои носеле фантомки. Неколкумина, како на пример Илија Димовски, снимени се како разговараат или се договараат со насилниците. Нивната вмешаност допрва би се утврдувала, но она што е очигледно е вмешаноста на тројца пратеници кои се снимени како им ја отвораат вратата на насилниците. Меѓу оние кои ги пречекуваат силеџиите на главната врата во Собранието на снимките може да се видат Јохан Тарчуловски и Сашо Василевски.

Поделбата на улогите меѓу пратениците кои ги отвориле вратите, тие што ги упатувале насилниците, тие што ги поттикнувале, ги поддржувале и им помагале да извршат кривични дела повеќе од јасно ја покажува организираноста во извршувањето на тие злосторства. Соизвршителството е казниво според Кривичниот законик на РМ, како што е казниво и соучесништвото, поттикнувањето, помагањето, нарачувањето и организирањето на извршување кривични дела и тоа од една до десет години затвор.

Најчевска истакнува дека овие пратеници нема да можат да се сокријат под пратеничкиот имунитет, туку ќе мора да одговараат. Оттука, сите народни избраници кои учествуваа во терористичкиот напад на Собранието, според неа, треба да одговараат за велепредавство и да одлежат минимум 10 години затвор.

Според Уставот, пратениците кривично не можат да бидат гонети за искажано мислење и за гласање, меѓутоа може и треба да се поведе кривична постапка за поттикнување терористички акт, за поддршка на терористи и за соучесништво во терористички акт.

Овие дела не застаруваат така лесно, така што, не само што треба, туку и мора да бидат казнети и ставени во затвор на подолго време, за да не ни се повтори ова и во иднина, вели Најчевска.

Според Уставот, член 6: „Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието.“

ЧАВКОВ ПЕЧЕН ЗА КРИВИЧНА ПРИЈАВА

Прстот на вина задолжително треба да се впере и во дел од припадниците на МВР, и во тамошни раководни лица. Всушност, тоа веќе го стори министерот Агим Нухиу, кој како директно одговорен го посочи директорот на БЈБ, Митко Чавков. Тој истакна дека Чавков бил раководител на оперативниот штаб, но по ескалацијата на ситуацијата не му одговарал на телефонските повици се до 20 часот, а и лично не го нашол во оперативниот штаб. Затоа, пак, Чавков му бил достапен на партискиот лидер Груевски.

Според Медарски, кај полицајците кои спротивно на нивната службена должност не го спречија овој напад, имаме повеќе кривични дела.

Одговорноста на службените лица расте согласно нивното место во хиерархијата на командување.

Најголема одговорност имаат оние лица кои биле должни да издадат наредби за да го спречат организираниот напад, а тоа не го сториле. Ова под услов да не се во дослух со самите напаѓачи, а ако се утврди дека постои таква врска, тие одговараат како нивни соизвршители. Несфатливо е да имаме речиси два часа жестоко насилство и тепање на пратеници во Собранието, а никој од МВР да не реагира, вели адвокатот.

Тој појаснува и дека се сторени и низа кривични дела против јавниот ред и мир, како Насилство од член 386 и Напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста од член 383 од КЗ. Сите оние кои заедно со толпата влегле во Собранието, а самите не зеле учество во насилството, сепак не се амнестирани од кривична одговорност, бидејќи сториле кривично дело Учество во толпа што ќе стори кривично дело од член 385. Доколку произлезат докази дека организираниот напад претходно бил планиран, сите кои зеле учество во ова планирање се потенцијални сторители на кривичното дело Злосторничко здружување од член 394 од КЗ. Кај сите овие кривични дела посебна улога имаат организаторите и за нив се предвидени значително потешки казни, од една до пет години затвор.

Во 2013, кога ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта во Општина Центар, народот „спонтано“ се собра и ја демолираше општината. Сето тоа се случуваше пред очите на полицијата, која статираше на настанот. Обвинителството на Зврлевски со години „не можеше“ да ги пронајде виновниците, но затоа Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинение, и тоа и против Груевски, за нарачател на насилството, бидејќи јавноста слушна како нарачува пет-шест шамари за Андреј Жерновски, и тоа јаки.

Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ ја губи централната власт, народот повторно „спонтано“ се организираше, но сега не беа нарачани шамари, туку боксови и удирање со метални шипки, со можност да убијат. Истрагата треба да покаже дали нарачателот е ист, или сметката ќе ја плати некој друг.

Трпеновски: Снимките се цврст и несоборлив доказ

Според поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски, очигледно е дека обвинителството постапува внимателно, одејќи со полесни правни квалификации, но истакнува дека набрзо мора да следуваат и нови кривични пријави.

Во никој случај не смее да се застане тука, туку кривично мора да се гонат и организаторите, но и политичките организатори, кои во овој момент се малку подзатскриени, но со изведувањето на доказите ќе се открие и нивната улога и одговорност. Обвинителот треба да се води од мотивот, а тоа е недавањето на власта, што ќе доведе до потешки правни квалификации, вели Трпеновски.

Тој истакнува дека овојпат обвинителството и судот нема да можат да играат на картата дека нема доволно докази, бидејќи снимките иако не се обезбедени со посебни истражни мерки, сепак ќе мораат да се прифатат како доказ.

Во овој случај не постои можност снимките да се оспорат како доказ, бидејќи се фактографија на еден настан. Не постои можност да се исклучат како доказ, дециден е Трпеновски.

Оттука може да се заклучи дека Зврлевски и Гешкоска се ставени пред, за нив, тешка задача, бидејќи колку и да сакаат, нема да можат да замижат пред многубројните снимки, кои сведочат за крвавиот настан.

Најчевска: Нарачателите и организаторите мора да бидат казнети

Професорката Најчевска истакнува дека истрагата не смее да запре се додека не се откријат нарачателите и насилниците на крвавиот четврток.

За да може навистина да се истражи терористичкиот напад врз Собранието треба да се формира посебна истражна структура (јавни обвинители, полиција, експерти …) која ќе изгради повеќеслоен случај кој нема да се занимава единствено со насилниците кои беа искористени како алатка за извршување на терористичкиот напад туку ќе ги открие вистинските нарачатели и организатори, вели Најчевска, која додава дека сепак прво мора да се направи смена во Јавното обвинителство, во судовите и во МВР, потенцирајќи дека ниту едно од делата за кои би се гонеле овие луѓе не застарува брзо.

Професорката заклучува дека важно е да не заборави она што се случи, да не се разводни насилството, бидејќи неказнувањето само ја отвора вратата на нови терористички активности од сличен или дури и полош вид.

Ако не бидат судени и осудени на многу години затвор сите директни учесници во терористичкиот напад на Собранието, организаторите и нарачателите, судиите ќе ни испратат порака дека тероризмот е прифатлив во секојдневното живеење. Ако биде амнестиран еден единствен процесиран за терористичкиот напад врз Собранието, Иванов ќе испрати порака дека тероризмот е легална алатка во политичката борба, предупредува Најчевска.

Поврзани новости