Талибанците го објавија составот на новата влада

by fokus

Талибанците денеска го објавија составот на новата влада, а министерските позиции ги добија личности кои се истакнале во изминатите 20 години во борбата против САД и сојузниците, јави Би-Би-Си.

„Исламскиот емират одлучи да назначи и објави службен кабинет за извршување на потребните владини работи“, изјави портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид на прес -конференција во Кабул.

Муџахид соопшти за 33 членови на „новата исламска влада“ и додаде дека преостанатите места ќе бидат објавени по внимателна анализа.

Новиот премиер Хасан Акунд ја предводеше талибанската влада во последните неколку години од нивното владеење во Авганистан. Еден од двајцата вицепремиери ќе биде Абдул Гани Барадар, кој ја предводеше талибанската страна во преговорите со САД и старата авганистанска влада.

Мохамад Јакуб Муџахид, син на основачот на талибанците, е назначен за привремен министер за одбрана на Авганистан; мула Абдул Хак Васик е вршител на должноста министер за разузнавање.

Сираџудин Хакани, водач на мрежата Хакани, е назначен за вршител на должноста министер за внатрешни работи на Авганистан, кој е одговорен и за едни од најсмртоносните напади против Американците и по кого ФБИ распиша потерница. Портпаролот информира дека министер за надворешни работи ќе биде Мула Амир Кан Мотаки.

Нема докази дека има и други политички актери во владата покрај талибанците, што беше едно од главните барања на меѓународната заедница.

Поврзани новости