Обвинетите во предметот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство побараа од судијката да им забрани на медиумите да направат видео инсерти на денешното рочиште, поради што новинарските екипи не можеа да снимаат во судницата пред почетокот на судењето иако имаа уредно добиени дозволи
Освен тоа обвинетите побараа и судењата да бидат снимани со визуелен и тонски запис, пракса што почна да се повторува во судењата на СЈО. Одбраната ги побара доказите на СЈО да им бидат доставен во писмена форма, иако претходно ги добиле електронски, а побара и ЦД од прислушуваните разговори.
Обвинителот од СЈО, Трајче Пеливанов рече дека обвинението е покренато во април 2017 година и оти досега никој од обвинетите не побарал доказите да им бидат дадени во писмена форма.
– Првпат се бара снимање на судењата само за предметите на СЈО – изјави Пеливанов.
Ова е трет пат обвинети од СЈО да бараат да им се забрани на новинарските екипи да ги снимаат почетоците на рочиштата, откако истото беше побарано во предметите „Траекторија“ и „Тотал“.
Во предметот „Транспортер“ обвинети се 21 лице, од кој првообвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. Се товарат за проневера на 360.000 евра преку незаконски организиран превоз за ученици во Битола.