Политички притисоци имало и ќе има. Извесно е дека тие во екот на кризата и при потрагата за нејзиното разрешување допрва ќе се засилуваат. Но, МАНУ нема да молчи, вели претседателот на Академијата, Таки Фити во интервју за Дојче Веле.
-Меѓутоа, она што посебно ме загрижува е квалификацијата дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе ја смета МАНУ за клон на СДСМ и Сорос поради објавениот бројчаник за мерење на јавниот долг“. Очевидно, ВМРО-ДПМНЕ, на овој начин негира, дека МАНУ е еден од столбовите на нашата државност, симбол на нашиот идентитет, јазик, култура и на научниот и уметнички потенцијал со кој располага Република Македонија. Затоа, таквата квалификација повеќе говори за составувачите на тој текст, а не за МАНУ како врвна научна и уметничка институција, вели Таки Фити.
Тој се осврна и на висината на јавниот долг на Македонија, за кој рече дека ваквата динамика на пораст на јавниот долг ја загрозува фискалната одржливост на земјата дури и на краток рок, поради што е неопходно да се отвори процес на фискална консолидација, т.е. преиспитување на владината непродуктивна потрошувачка и сведување на буџетските дефицити во разумни рамки.