Тачи го поздрави именувањето на Палмер за специјален претставник на САД за Западен Балкан

by fokus

Претседателот на Косово, Хашим Тачи го поздрави денеска именувањето на заменик помошникот државен секретар во Стејт департментот Метју Палмер за специјален претставник на САД за Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тачи преку својата страница на Твитер изрази задоволство заради, како што вели, јакнењето на американската улога во регионот.

– Честитам за именувањето од страна на Стејт департментот на Палмер за специјален претставник за Западен Балкан и го поздравувам јакнењето на улогата на САД во интеграцијата на Косово и на целиот наш регион во евроатлантскиот клуб на нации, напиша Тачи.

Американското Министерство за надворешни работи синоќа соопшти дека Палмер на 1 септември ќе учествува во работата на Стратешкиот форум на Блед, а потоа ќе ги претставува САД на состаниците на четворката во Брисел и во Подгорица.

– Палмер ќе ги предводи нашите настојувања да ги зајакнеме дипломатските напори на САД во поддршката на мирот, стабилноста и напредокот на регионот и ќе се насочи на интеграцијата на државите од Западен Бaлкан во западните институции, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Поврзани новости