Лидерот на СДСМ Зоран Заев информираше дека партиските раководства на СДСМ и на ДПА на Мендух Тачи оддржале средба на која ја истакнале успешноста на досегашната соработка во рамки на владата и воедно оставиле простор за соработка во иднина.
Притоа, Заев посочи дека двете страни може ќе соработуваат после изборите, меѓутоа тој се уште ја остава отворена вратата и за предизборна коалиција, истакнувајќи дека ќе направат уште еден обид за договор во овие неколку дена до рокот за дефинирање на пратеничките листи.
Во текот на вчерашниот ден, портпаролот на ДПА Луан Треси, пак, изјави дека раководството на ДПА одлучило партијата самостојно да настапи на изборите и воедно ги повика Албанците да ја поддржат ДПА како национална опција.
Според неофицијални информации, ДПА добила понуда од СДСМ за заеднички настап, но под услов во шестата изборна единица да не се кандидира Тачи, туку партијата да предложи друг кадар на добитна позиција.
Меѓутоа, Тачи тоа го сметал за навредливо и потценувачки, со оглед дека самиот сака да биде носител на листа во оваа изборна единица, а СДСМ и БЕСА веќе се договорија тоа да биде Биљал Касами.