Тачи бара превод на албански јазик на доказите на СЈО

by fokus

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, на денешното судење за случајот Титаник 2, побара превод на албански јазик на еден од доказите, односно на аудио снимката од седница на ДИК која беше објавена во судница.

Обвинителот Гаврил Бубевски истакна дека тоа е невозможно да се направи, бидејќи  на снимката многу луѓе зборуват во исто време па тоа е тешко да се стави на хартија. Тој предложи Тачи да добие преводот во судот, во моментот додека се преслушува снимката. Судијата Огнен Ставрев па посочи дека ќе се обидат да направат превод.

-Начинот на кој е предложено да ми се даде превод, не го прифаќам. Барам превод на хартија, тоа за мене е прецизно и точно. Тоа што го барам, преводот, е колективно право на Албанците, истакна Тачи.

На потребата оваа снимка да биде доказ реагираше обвинетиот Бедредон Ибраими, на кого обвинителката Фатиме Фетаи му посочи дека во текот на постапката ќе му објаснела, потенцирајќи дека од снимката се слушнало како тој го сменил ставот пред гласањето на комисијата бидејќи добил телефонски повик. Тој пак се бранеше дека никогаш не примал наредби, за што раскажа и анегдота која се случила за време на служењето на воениот рок.

-Сум служел војска во ЈНА. Еднаш добив документ од претпоставените за кој ми рекоа дека не смеам да го отворам, но јас штом се одалечив го отворив. Потоа во еден извештаите за мене наведоа: „Тешко прима наредба“. Затоа мене никој не можел да ми нареди како да гласам во ДИК. Ако смеам да доставувам нови докази, ќе ви докажам кои други луѓе ми вршеа притисок за тоа како да гласам, рече Ибраими.

Сашо Мијалков, пак, кусо искоментира дека добро било што снимката се слушала во судница.

Поврзани новости