Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, денеска во Брисел се сретна со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, а барањето за средба било на Хан.
Во изјава за МИА, Мендух Тачи истакнал дека на средбата го претставил и барањето на единствената опозициска партија во македонскиот парламент, а тоа е за креирање на нов Рамковен договор, со оглед на тоа што, според лидерот на ДПА, Охридскиот договор не е во целост имплементиран, а е застарен.
-Денеска имав многу важна средба со господинот Хан. Тој имаше голема заинтересираност за имплементацијата на политичкиот договор од 2 јуни/15 јули. Пораката што ја добивме е дека е многу важно да ги почитуваме роковите за имплементација на политичкиот договор. А, од моја страна беше покренато значењето на фер и демократски избори, бидејќи ДПА е во моментов единствена опозициска партија и многу е важно, па се фокусиравме на истото, рече Тачи.
Тачи му укажал на Хан дека неговата партија има предлог за нов договор што ќе биде во духот на Охридскиот договор. Потенцирал дека не тие не се против Рамковниот договор, туку дека има потреба од нов договор и нови рокови.