Францускиот институт во Скопје е прва образовна институција во Македонија која ги воведе, од пред неколку години, новите технологии за информација и комуникација во наставата, преку употреба на бели интерактивни табли, компјутери и дигитални платформи. Благодарение на посебен фонд доделен од Францускиот институт во Париз, Мултимедијалниот простор за настава на Францускиот институт располага сега и со таблети за учениците по француски јазик.
На 1 и 2 октомври во Скопје се оддржа обука за професорите во Институтот и Француските Алијанси, на тема интегрирање на новите технологии преку употреба на таблети во наставата, со цел користење на оваа алатка на педагошки план, како и воведување на интерактивни и забавни пристапи кои поттикнуваат поефикасно учење. Обуката ја водеше Марк Оду, експерт во областа на новите технологии на час по француски како странски јазик. Таблетите нудат огромен потенцијал во доменот на наставата и изучувањето и нивното користење има голем број на предности кои професорите ги открија во текот на оваа обука.