Светската здравствена организација препорачува „систематска употреба на кортикостероиди кај пациенти со потешка или критична форма на ковид-19“.
Оваа препорака доаѓа по истражувањето кое покажало дека овие лекови ја намалуваат смртноста кај тие пациенти, според упатствата објавени денеска во медицинското списание BMJ.
Документот ги утврдува препораките дадени од Светската здравствена организација (СЗО) на нивната веб-страница во средата, по објавувањето на серија студии во американското медицинско списание „Јами“ кои ја потврдуваат ефективноста на овие лекови.
-Препорачуваме систематска употреба на кортикостероиди за третман на пациенти со тешка или критична форма на ковид-19, пишува експертски тим од СЗО.
Од друга страна , „препорачуваме кортикостероидите да не се користат во третман на пациенти кои не се сериозно болни“, додаваат, истакнувајќи дека ова не се однесува на пациенти кои ги земале овие лекови од други причини освен ковид-19.
Студија објавена во Јама заклучува дека смртноста кај пациенти со тешка форма на ковид-19 е во просек за 21 процент пониска по 28 дена од земањето на лекот.
Кортикостероидите се единствениот лек што покажал значителен ефект во намалувањето на смртноста кај пациенти со ковид-19.
Првиот позитивен резултат е објавен на 16 јуни од истражувачи кои учествувале во големото британско клиничко испитување Recovery во врска со еден од овие лекови, дексаметазон (сеопфатните резултати се објавени на 17 јули во американскиот весник New England Journal of Medicine).
Тој заклучок е поткрепен во средата со седум студии со учество на 1.703 пациенти, координирани од СЗО и објавени од Јама. Овие резултати се однесуваат не само на дексаметазон, туку и на други лекови со кортикостероиди, како што се хидрокортизон и метилпреднизолон.
Кортикостероидите „не се скапи, лесни се за земање и ги има насекаде во светот“, додаваат експертите назначени од СЗО.
Овој вид на лекови не делува директно на коронавирусот, туку на воспалението што го предизвикува кај сериозно болните пациенти.
Кортикостероидите често се користат при астма, воспалителни болести (како што е ревматоиден артритис), во автоимуни заболувања или како супресија, бидејќи тие ја намалуваат реакцијата на имунитетот.
И покрај позитивните резултати, „постојат неизвесности“, истакнуваат експертите. Меѓу нив е „долгорочниот ефект“ на нивната систематска употреба или влијанието врз имунитетниот систем на пациентите кои можат да бидат изложени на ризик од заразување со други инфекции.