СЗО Европа и Западен Балкан ќе формираат субрегионална мрежа за дигитално јавно здравство чија цел е регионална соработка за дигитална трансформација на здравствените системи на шесте земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово.
Оваа е најавено денеска во рамки на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Подгорица.
Според лидерот за е-здравство и иновации при канцеларијата на СЗО Европа, Клејтон Хамилтон, оваа нова мрежа е тесно поврзана со здравствениот патоказ за Западен Балкан 2021-2025, кој што има за цел идентификување на чекори за забрзување на процесот на дигитализацијата на националните здравствени системи и развој на еднакви дигитални здравствени сервиси во Западен Балкан, со фокус на системот на јавно здравство.
Тој појасни дека следен чекор е секоја од шестте економии на Западен Балкан да биде поканета да номинира официјални претставници на оваа мрежа – лица од министерствата за здравство и за информатичко општество, а до крајот на годината ќе се одржи средба за да се конкретизираат приоритетните акции за работа.
До средината на 2022 година, посочи Хамилтон, би требало да има првичен извештај со конкретни акции што може да се направат, за остварување на идентификуваните приоритети од патоказот.
СЗО ќе има улога на секретаријат, односно тело за олеснување на процесот – што ќе ги собере заедно земјите, ќе ги презентира податоците кои веќе ги има СЗО, ќе ги идентификува деловите за кои нема доволно податоци, за да се утврдат основните приоритети на кои групата би работела.
Шефицата на Одделот за европски референтни мрежи и дигитално здравје при Европската комисија, Јоана Марија Глигор, посочи дека особено важен елемент е усогласувањето на законодавството на земјите кандидати со ЕУ – акито.