Сведоци обвинуваат дека давале мито од 500 евра за секоја терапија: Продолжи судењето за „Онкологија“

by irena 14:54
14:54

Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд Скопје, продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Пред Судот беа сослушани повеќе оштетени сведоци, законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија.

На прашање од јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, дали имале проблем со обезбедување на терапијата, еден од сослушаните сведоци рече дека имале проблем за нејзино обезбедување и најпрво оделе во Турција, но било многу финансиски, па потоа на Клиниката, каде, како што рече, морале да дадат мито од 500 евра за да ја добијат секоја доза од терапијата. Лекот, како што појасни сведокот, го добивале од фрижидер во канцеларијата на Никола Васев и бил даван на медицинска сестра за да биде аплициран.

– Немам документи, немам докази зошто не мислев дека ќе ми требаат. Ги исфрлив, но верувам ги има во досиејата, рече сведокот.

На прашање од одбраната на Васев, дали го пријавиле таквото однесување, сведокот рече дека не, зашто не знаела каде да пријави.

На прашање дали парите биле давани пред медицинската сестра, сведокот рече не, појаснувајќи дека влегувале во кабинетот на докторот, „се почастувале за кафе како што бил договорот” и потоа тој го давал лекот на медицинска сестра.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Слични вести