Судењето за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието продолжува на 15 мај годинава, кога треба да бидат сослушани сведоците Стефан Младеновски и Весел Мемеди.
На денешното рочиште сведочеше Антонио Кочков, кој рече дека е член на ВМРО-ДПМНЕ и ги поддржувал протестите на движењето „За заедничка Македонија“.
– Имавме вибер група преку која комуницираме и каде се кажуваше кога и каде треба да се собереме, изјави сведокот.
На 27 април 2017 година, не бил на протестите, но дошол подоцна кога бил упадот.
-Влегов во Собранието во салата. Бидејќи беше многу топло и веќе ме видоа дека сум присутен, сакав да си одам. Кога си одев, се качив по едни скали нагоре, зошто не знаев како да излезам. После се спуштив надоле свртев лево и всушност влегов во салата каде ги тепаа пратениците, изјави сведокот.
На прашање од обвинителката Вилма Русковска, да појасни кој требало да го види, сведокот рече дека имало луѓе од партијата кои му помогнале и сакал да им се заблагодари и да ги поддржи.
– Јас знам дека ВМРО-ДПМНЕ јавно ги поддржуваше протестите. Тоа беше и на телевизија. Јас не знам да кажам дали ги организирале или ги поддржувале само, изјави сведокот.
Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.