Пензионираната началничка Јадранка Гулевска денеска сведочеше на судењето за случајот „Титаник“, при што ја откри незаконската шема на издавање на лични карти во општина Центар на граѓани од Преспа и Гора, наменети за изборите во 2013 година.
Освен начинот на кој биле изадени од 500 до 600 лични карти, за да се набилда гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, таа посведочи дека и дека била под силен притисок и закани. Гулевска учествувала во незаконската постапка, но бидејќи пред обвинителката Лиле Стефанова од самиот почеток ја кажала вистината, во СЈО било решено да не се гони, туку да стане сведок.
-Во јавноста веќе се дозна дека незаконски се издаваат лични карти, па под тој притисок тогашната министерка Гордана Јанкулоска пушти допис до Внатрешната контрола да направат контола. Во тој момент бев пресреќна, сакав се да се открие и се да заврши, бидејќи притисокот беше преголем, рече сведокот.
Таа појасни дека иако внатрешната контрола на МВР направиле увид и влегле во сите простории, посочија дека не нашле никаква незаконитост. Но, потоа и техничкиот министер Оливер Спасовски почнал да се интересира за случајот.
-По неколку дена откако Спасовски дојде на позицијата технички министер, испрати писмен допис и список од 20 лица за кои прашуваше дали нивните лични карти се издадени законски. Ги проверив и констатирав дека се издадени незаконски. Го испратив дописот до техничкиот министер, а тој излезе во јавноста и рече дека сме изадавале незаконски лични карти, сведочеше поранешната началничка.
Таа додаде дека тогаш се засилил притисокот кон неа, по што добила повик од советник на Гордана Јанкулоска, кој ја искарал за тоа како можела да го даде дописот без да ги консултира и и рекол дека ќе ја чека пред МТВ во 21 часот.
-Кога излегов ме чекаше со службен џип, во кој влегов а внатре имаше уште едно лица. Веднаш не го препознав, но потоа видов дека е Киро Тодоровски, поранешниот шеф на кабинет на Јанкулоска. Се возевме половина час, накај Сингелич, по што застанавме и излеговме надвор. Ме прашуваа зошто сум постапила така и дека не треба да се плашам, бидејќи е обичен прекршок и ако дојде до нешто ќе ме брани цел тим на адвокати, рече Гулевска.
Тогаш, како што рече добила закани, а Тодоровски и рекол дека по изборите ќе се знаат губитниците и хероите, а таа ќе била во редот на губитниците.
-Од заканите и притисокот ми се слоши, по што пак се качивме во возилото и реков повеќе да не ме бараат. Реков дека ако некој ме праша ќе ја кажам вистината, рече сведокот.
Во случајот „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.
В.В.