Сведочење на вештаци за случајот Ласкарци – автобусот не ја следел постепениот благ свиок

by Fokus

Повеќе верба даваме на материјалните докази, отколку на изјавите, нив ги анализиравме во смисла дали е можно, не е можно, потврдено, претпоставено – му договори на обвинителот Дарко Јакимовски вештакот Љупчо Постолов во врска со анализата на движење на автобусот во случајот за несреќата кај Ласкарци.

Според вештакот, автобусот не го следел постепениот благ свиок и од тие причини дошло до таа појава.

– Повеќе пати одевме и проверуваме и своите животи ги стававме во опасност. Главното беше кога сообраќајот беше регулиран од страна на припадниците на МВР – рече вештакот, образложувајќи како дошле до заклучоците од супервештачењето.

Според него, можело да има реакција за сопирање со насочување на воланот кон десно.

– Од сето тоа ние заклучивме дека возачот на автобусот не реагирал, иако имал можноста, односно освен со нога, можел да реагира со рака, раце, за времетраење од 0,5 секунди, а од првата трага до ударот во првата ограда поминале 1,67 секунди што укажува дека возачот имал доволно време да реагира – рече вештакот.

Во автобуската несреќа кај Ласкарци загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени.

Покрај Постолов, во тимот вештаци кои го изготвија сообраќајното супервештачење се и вештаците Јакуп Мамути и Невзат Зеќири.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Поврзани новости