Сведочење на екс началничка: Во Центар беа издадени од 500 до 600 незаконски лични карти за билдање на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ!

by fokus

Јадранка Гулевска, поранешна началничка на Одделот за управни работи во Скопје, во моментот на судењето за случајот „Титаник“ сведочи како незаконски пред локалните избори во 2013 година во општина Центар биле издадени од 500 до 600 лични карти на жители од Преспа и Гора.

Сведокот најпрвин појасни каква е законската процедура за добивање на скопско жителство, а потоа и на лични карти, а потоа од прва јака објасни како се делеле и лични карти нелегално, потребни за зголемување на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето на обвинителката Лиле Стефанова, дали додека била началник, имало отстапување од редовната процедура за издавање на лични карти, сведокот рече:

„Тоа почна да се случува при крајот на 2012 година пред локалните избори во 2013 година. Во ноември 2012 година бев повикана кај тогашниот државен секретар Виолета Јанковски, а таму беше и помошникот министер Ибрахим Зекири, Кирил Тодоровски, како и уште неколку началници од други градови, односно од Кичево, Штип, Битола, Куманово. Точката беше да се издадат лични карти на државјани кои имаат државјанство и да им се даде определено живеалиште во општините каде ВМРО-ДПМНЕ има најмалку гласови, рече сведокот.

Таа додаде дека тогаш во првиот момент не се посомневала дека ќе се случи нешто незаконски.

-Во ниеден момент не помислив дека позади тоа ќе се случи нешто друго. Во еден момент влезе тогашната министерка Гордана Јанкулоска. Праша дале е се во ред и си замина. Не се посомневав дека ќе се прави злоупотреба и дека незаконски ќе се издаваат лични карти, рече сведокот.

Таа истакна дека по таа средба имало и други.

-По 10 дена телефонски се јавив кај шефот на кабинет Кирил Тодоровски за една идеја. Тој ми рече дека секако ќе ме побарал и почна да ми објаснува како ќе се издаваат личните карти за тоа што сме зборувале, односно за личните карти потребни за претстојните избори, рече сведокот.

Како што рече, Тодоровски и го дал следното објаснување:

-На државјани на Македонија да им се определи живеалиште каде што ВМРО-ДПМНЕ имало послабо гласачко тело во кое припаѓаше и општина Центар. Кога го прашав како тоа ќе се изведе, ми објасни дека ќе доаѓаат лица од Преспа и Гора и ќе им издаваме лични карти во општина Центар. Кога го прашав дали ќе биде покриено со потребната документација, рече „Да“, но на иста адреса ќе има од 20 до 30 лица, рече Гулевска.

Таа веднаш изреагирала дека нешто ќе се случува незаконски, и дека ќе биде многу приметно кога одеднаш ќе влезат од 20-30 луѓе во простории каде што циркулираат многу луѓе.

-Тогаш Тодоровски ми рече дека не смеам да се мешам, дека тоа е висока политика. Тогаш ми кажа дека контакт лице ќе ми биде Мунир Пепиќ, тогашен секретар на Горанското друштво и лично ќе доаѓал за да не комуницираме по телефон, бидејќи можеби некој да не прислушува, сведочеше сведокот.

Таа додаде дека кога и било речено дека станува збор за висока политика, се и било јасно.

-После тие зборови се ми беше јасно. Дека бев вовлечена во игра која нема да заврши добро. Го повикав самостојниот советник Оливера Димчевска и се и кажав, рече поранешната началничка која истакна дека тогаш се чувствувала премногу исплашено за својата безбедност и безбедноста на своето семејство.

Тогаш со Димчевска се договориле дека лицата кои ќе ги сликаат новите жители мора да бидат доверливи, по што донеле одлука и избрале двајца, по што почнало сликањето.

-Доаѓаше Пепиќ и му дадов адреси каде требаше на една да се стават од 20 по 30 лица. Тие адреси ги добив по СМС порака од Кирил Тодоровски, но потоа му се јавив и му реков дека е доста, дека не може повеќе вака, но тој ми спушти слушалка. Продолжија да носат луѓе, а адресите ги носеше Пепиќ, рече поранешната началничка, која истакна дека на крајот заклучиле дека биле изадени од 500 до 600 вакви незаконски лични карти.

Сведочењето е во тек.

Во „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

В.В.

 

Поврзани новости