Седумдесет и осум години од почетокот на антифашистичкото востание и почетокот на народноослободителната војна ќе бидат одбележани денеска во Куманово, Прилеп и во Скопје, во присуство на членови на Владата, Собранието, претставници на политичките партиите, на Сојузот на борците, дипломатскиот кор, граѓански организации…
Во Куманово активностите стартуваат со положување цвеќе на Спомен-костурницата по што воениот оркестар ќе ја интонира државната химна. Владината делегација во Куманово ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, кој ќе има пригодно обраќање. Дел од делегацијата се и вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерите за образование и наука ,Арбер Адеми ми за странски инвестиции Зорица Апостолска, како и пратеници
Празнувањето во Прилеп ќе се одржат пред спомениците на Методија Андонов-Ченто и на Кузман Јосифоски-Питу, како и на Могилата на непобедените. Владината делегација во Прилеп ќе ја предводи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан.
Празничните активности и во Скопје ќе почнат со положување цвеќе, на Партизанските гробишта во Бутел, од владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, а ќе присуствуват и министрите за финансии Нина Ангеловска, за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски и за економија Крешник Бектеши.
Премиерот Заев и членови на Владата ќе присуствуваат и на свеченоста во Парламентот, каде што напладне ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“ за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес. Наградата за животно дело во областа на науката ќе му се врачи на академик Љупчо Коцарев, додека во областа на културата и уметноста на актерот Петар Мирчевски и писателот и ликовен уметник Димитри Дурацоски.
Организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.
Единаесетти октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.
Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција држвава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.