Водителката, музичар и писателка, Сузана Турунџиева денес по подолга пауза повторно се враќа пред ТВ екраните. Нејзината забавно – контактна емисија ,,Недела во три” ќе започне со емитување во 15 часот, на 1ТВ.
-Станува збор за емисија која ќе биде опуштена, забавна и верувам интересна и за жените и за мажите, и за младите и за повозрасните. Ќе отвараме теми за кои малку зборуваме, а многу озборуваме.Се враќам пред камери после една и полгодишна пауза. Се чувствувам одлично, особено поради фактот што емисијата ќе се емитува во живо, и ќе можеме да ги вклучиме и гледачите – раскажува Турунџиева.
Таа не крие дека животот никогаш не ја штедел. Го изгуби својот татко, својот брат, партнерот… Сепак, постојано наоѓа сили да се врати со нешто ново, а насмевката и позитивниот став се нејзин заштитен знак.
Кога во јули 2016-та година ненадејно почина нејзиниот партнер Марјан Јовановиќ, таа по еден месец ја пронајде утехата во својата пасија, пишувањето, и му ја посвети својата шеста книга, насловена ,,Не вели збогум”.
За ,,Фокус” раскажува дека свикнала да се бори сама, и сите пречки се научила да ги претвора во мостови.
-Јас сум непоправлив оптимист е вечен трагач по нови предизвици. Никогаш и од ништо не се откажувам! Затоа, колку пати животот и да се обиде да ми го покаже грдото лице, јас двојно повеќе пати му се насмевнував и му се заблагодарував за сите солзи кои морав да ги пролеам. Благодарна сум и за сите пречки на мојот пат, кои морав сама да преминам. Јас, од пречки ги претворив во мостови. Тоа е мојата мисија – изјави Турунџиева.