Поранешниот судија на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, кој е обвинет за местење судски предмети, денеска е суспендиран од Судскиот совет на Република Северна Македонија. Советот не одлучуваше за разрешувањето на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Како што е наведено во соопштението објавено на веб – страницата на Судскиот совет, на денешната седница е донесена одлука за времено оддалечување од вршење на судиска функција на еден судија, а одлучувано и за одложување на расправа по барање на член на Судскиот совет на РСМ, во врска со извештаите на комисиите за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд.
Советот утврдил престанок на судиската функција на Ленка Соколовска, судија на Основен суд Куманово поради исполнување на услови за старосна пензија, а констатиран е престанок на функцијата судија-поротник на Основниот кривичен суд – Скопје на Стојанка Стојановска од Скопје, исто така поради исполнување на услови за старосна пензија.