Остануваме посветени на заложбата од Декларацијата што ја донесовме за борба против криминал и корупција, комуникацијата во партијата е одлична меѓу сите функционери, судските органи можат да ги употребат сите алатки за кој било функционер од СДСМ.
Ова денеска го истакна денеска членот на Централниот одбор на СДСМ Горан Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања во однос на објавата на документ од истрагата за случајот „Рекет“ во дел од порталите, по што вчера премиерот Зоран Заев, министрите Никола Димитров и Радмила Шекеринска и пратеничката Фросина Ременски најавија тужби и отфрлија каква било вмешаност.
– Според нашите сознанија нема вмешани функционери на СДСМ во овие случаи. Добар дел, без оглед дали е тоа Фејсбук статус, тоа е нивна изјава, многу јасно го кажаа она што го мислат, наведе Сугарески, оценувајќи дека комуникацијата во партијата е одлична меѓу сите функционери.
Како што нагласи, судските органи и Јавното обвинителство можат да проверат се за кој било во партијата.
-Подготвени сме доколку се докаже некаква одговорност за кој било функционер да ја понесеме одговорноста. Апсолутно нема простор кој било да биде амнестиран поради тоа што е на која било позиција во владата или во СДСМ. Остануваме посветени на тоа, а судските органи можат да ги употребат сите алатки за кој било функционер од СДСМ, рече Сугарески.
Кај СДСМ, како што вели, има очекување и надеж дека може да дојде до договор помеѓу работните групи со опозициската ВМРО-ДПМНЕ и да се донесе законот за Јавно обвинителство.
– Според моите информации утре продолжуваат разговорите на работните групи со опозицијата за новиот закон за ЈО. СДСМ во изминатиот период инсистираше да се постигне договор и се што прави моментно е во правец на тоа да биде да биде донесен законот за Јавно обвинителство. Од наша страна ќе биде направено се, се надеваме. И вчера премиерот кажа дека предлозите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел се внесени во Предлог законот. Очекуваме во наредниот период и реално кај нас постои надеж дека може да се дојде до договор и да не донесе законот за ЈО, рече Сугарески.