Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, жестоко реагираше на својот профил на Фејсбук, по обвинувањата од опозициската ВРМО-ДПМНЕ дека „тој и СДСМ ги оставиле граѓаните без евтини летови на „Виз Ер“.
„Сега, да им одговорам на ВМРО ДПМНЕ, бадијала се обидувате да создавате хаос и да ширите дезинформации во јавноста со цел да печалите ситни дневно политички поени. Заврши времето кога Министерството за транспорт и врски беше синоним за корупција.
Во Македонија има Закони и процедури и тие мора да се почитуваат до последната точка и запирка без исклучок.
Јас така работам и не постои сила која може да ме натера да постапувам поинаку.
Јас не сум ниту повеќе или помалку “дил ориентед”, ниту имам намера да градам лични односи со економските оператори кои учествуваат на јавните повици кои ги распишува министерството.
Моја работа е да работам професионално и исклучиво за интересите на граѓаните.
Јавниот повик со точно утврдени критериуми и услови беше објавен на 28 јуни оваа година со рок на достава на барањата до 27 јули, односно еден месец.
До крајниот рок до 12 часот истиот ден, беше доставено само едно барање за финансиска поддршка. Комисијата формирана од Министерството за транспорт и врски, а во чиј состав членуваат лица вработени во државни институции, веднаш пристапила кон отворање на пристигнатото Барање.
Во самата постапка, Комисијата констатирала дека доставеното барање за доделување на финансиска поддршка не е доставено согласно точка 2. 1 од Документацијата за барање, односно на трите запечатени внатрешни пликоа не е наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот, што е еден од условите пропишани во Документацијата за барање.
Врз основа на ова, Комисијата констатирала дека не постојат услови за понатамошна евалуација на пристигнатото барање за финансиска поддршка.
Како резултат на извештајот од Комисијата, Министерството го поништи јавниот повик.
Денеска сакаме да ги разрешиме дилемите или шпекулациите што се појавија во јавноста дека наводно Владата намерно го поништува јавниот повик или слично.
Тоа не е точно.
Комисијата што ја водеше постапката, постапила согласно сите законските прописи во Република Македонија и како резултат на нивниот извештај, Министерството донесе одлука за поништување на јавниот повик.
Не постојат мали или големи пропусти, има прецизни законски прописи и процедури кои мора да се почитуваат, а во овој случај Комисијата ги применила истите.
ВМРО-ДПМНЕ не може да замисли што значи тоа да се работи законски и со почитување на процедурите.
Значи да бидам уште попрезицен, најодговорно тврдам дека евтини летови ќе има и понатаму!
Во Република Македонија под раководство на оваа Влада сите имаат еднаков третман и еднакви права и можности за учество на јавните повици во фер и транспарентни постапки.
Од ова место сакам да им гарантирам на сите граѓани дека секој нивен денар ќе биде искористен исклучиво во нивна корист и никако поинаку.
Евтини летови Ви гарантирам ќе има“, посочи Сугарески на својот профил.