Сугарески: Преку 80 милиона евра за патната инфраструктура во Прилепско

by Frosina Fakova

Почнува асфалтирањето на регионалниот пат Лагово – Штавица – Витолиште, во Мариово. Ќе се рехабилитираат девет километри. Проектот вреден 650.000 евра, ќе се реализира преку програмата на ЈП „Македонија пат“.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кој денеска беше на увид на работите со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, нагласи дека патот е од исклучително значење за граѓаните. Во овој регион интензивно се работи и се вложуваат преку 80 милиона евра во патната инфраструктура.

Според него, само во патната мрежа во Прилеп и околината моментно се инвестираат преку 70 милиони евра – средства обезбедени од централната власт.

-Ако дополнително ги земеме предвид и проектите на локалната власт имаме инвестиции од близу 80 милиони евра во патната мрежа во Прилепско. Завршивме со рехабилитација на стариот пат од Прилеп до Битола, транзитот на Прилеп и патот од Прилеп до Прилепско Езеро. Во моментов ги рехабилитираме патот до Норово, патот од Лажани до Житоше и Крушево – Слива – Пуста Река, а привршуваме и со рехабилитација на делницата од Дреново до Фариш. Во текот на овој месец ги објавуваме тендерите за рехабилитација и реконструкција на регионалните патишта Фариш-Прилеп и Кривогаштани – Крушево. Посветено работиме на подобрување на патната мрежа во Мариово и имаме за цел повторно да го заживееме овој предел, да овозможиме услови за развој на рурален туризам, а истовремено да обезбедиме поквалитетен живот на локалното население. Во моментов го асфалтираме патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште, а претходно го рехабилитиравме и патот Рапеш – Старавина, изјави Сугарески.

Поврзани новости