Сугарески: Општините да подготват проекти за водоводи и канализации

by Fokus

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески очекува до крајот на годинава општините да ги завршат проектите со кои доцнат за изградба на водоводна и канализациска инфраструктура, а што беше причина планираните пари за таа намена од кредитот од Европската инвестициска банка да бидат префрлени за користење во наредната година со предложениот ребаланс на Буџетот.

Одговарајќи на новинарски прашања ресорниот министер денеска изјави дека е жално што во 21 век се  уште се зборува за изградба на водоводи и канализации за кои, како што вели, процентот на изградба е многу мал. Истакнува дека единствена алатка е да продолжат разговорите со општините за да го забрзаат процесот.

-На нив останува, еден дел веќе почнаа да работат, но тоа не е баш мал процес, мора да помине време, проктот се одобрува во Министерството за транспорт и врски и во ЕИБ. Не се намалени дел од средствата за кои се шпекулираше во јавноста, туку се префрлени за наредната година. Тие пари не се допрени и ќе се користат во текот на наредната година. Очекувам до крај на годината да бидат донесени сите проекти. Алатките се да се разговара со нив, бидејќи тоа е интерес  на општините, изјави Сугарески, кој присуствуваше на стартот на градежните работи за канализација на ул. „Петричка“ во Маџир мало во Општина Центар.

Како што дополни, нема опасност државата да ги изгуби предвидените пари, а преку Министерството за финансии веќе се аплицира за нови 50 милиони евра за таа намена. Дел од средствата што концесионерот ТАВ требаше да ги вложи во изградба на карго Аеродром, а кои се пренеменети, исто така ќе се користат за водоводи и каналициски системи, градинки, болници.

– Не постои опасност, но нема да биде добро ако општините не ги користат тие средства. Државата ги обезбедила тие средства на општините и на тој начин им помага буквално со давање клуч за водоводи и канализации и тие од своите буџети не трошат за тоа ниту денар, рече Сугарески.

Како што информира, преку Министерството за транспорт и врски се реализираат 20 проекти за  комуналната инфраструктура, а уште 10 треба да почнат во наредниот период.

– Еден дел од средствата од ЕИБ наменети за изградба на водовод и канализација се префрлени за наредната година заради  тоа што проектите се донесени подоцна од општините, а за дел ќе бидат распишани тендери во наредниот период и очекуваме во октомври – ноември да почне изградбата на тие водоводи и канализацикси системи. Ќе продолжиме со изградба, како од Буџетот, така и со уште еден кредит од  Европската инвестициска банка за конечно во наредните година до две да ги решиме најголемиот дел од проблемите бидејќи процентот  на канализациски систем во изминатиот период беше многу низок и се посветувало многу малку време. Жално е што во 21 век уште разговараме за ова, но еднаш мора да се стави крај и да се решат овие елементарни проблеми,  изјави Сугарески.

Поврзани новости