И по речиси два месеци од истекот на мандатите на претседателите на Кривичниот суд Владимир Панчевски и на Врховниот суд Лидија Неделкова, Судскиот совет се уште не избра нивни наследници, иако последните прогнози беа дека тоа ќе се случи на крајот на месецот.
Претседателот на Судскиот Совет, Звонко Караџовски, неодамна истакна дека се надева дека претседателите ќе бидат избрани до крајот на јануари, но сега вели дека се уште траеле одредени процесни дејствија, поради што не сака да прогнозира со нов датум за нивниот избор.
Сепак, како што неофицијално дознава „Фокус“ од судски извори, изборот се одложува поради ненадејни превирања во Судскиот совет, односно не можело да се обезбеди двотретинско мнозинство за повторен избор на досегашниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.
Според нашите извори, ситуацијата била слична како и на политичката сцена, односно, одредени судии решиле да се „одметнат“.
Судскиот совет избира претседател на суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, односно 14, тука вклучувајќи го и претседателот на Врховниот суд.
Доколку, изборот пропадне, односно по спроведена постапка за избор на судија или претседател на суд, Советот утврди дека ниту еден од пријавените кандидати не ги исполнил условите за да биде избран, советот ќе донесе одлука за повторно огласување.
За претседател на Кривичниот суд покрај Панчевски, конкурираа и судиите Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ, но судијата Туфегџиќ се повлече, поради одлуката на Судскиот совет за вонредно оценување на кандидатите.
Во трката, пак, за претседателското место во Врховниот суд се пријавија судијките Беса Адеми и Снежана Бајлозова, судијата Јово Вангеловски и актуелната претседателка Лидија Неделкова.
Денеска, пак Управниот суд ја одби тужбата на Неделкова за повторување на вонредното оценување на Судскиот совет и барањето за времена мерка за стопирање на изборот на претседател на Врховниот суд.
На противкандидатката Неделкова, Судскиот совет, при иста, највисока оценка со Бајлозова, и ги намали бодовите, а не и ги призна ни трудовите објавени во странски медиуми со меѓународен импакт фактор.
Судскиот совет оценката му ја поправи и на Панчевски, па наместо да влезе во трката со 3-ка, ја доби највисоката 4-ка, а на неговиот против кандидат Џолев, му ја остави оценката што ја имаше 4-ка, но му намали бодови.
Неделкова бараше поништување на одлуките за вонредно оценување како неуставни и незаконити. Главниот нејзин аргумент во управниот спор што го поведе против Судскиот совет, како што вели, е што изборот на претседател на Врховниот суд, Судскиот совет го спроведува според услови кои ги нема во објавениот оглас. Таму е наведено дека кандидатите ќе се оценуваат според последните нивни две оценки, а тоа се оценките за 2013 и 2014 година. Судскиот совет, наместо како што е во огласот, спроведе вонредно оценување и кандидатите ги рангира по вонредното оценување, кое не е спомнато во огласот.
Валентина Вурмо