Иванов: Имам право на став и не отстапувам од барањата

by fokus

-Барањата што претседателот Иванов ги истакна не претставуваат услови, туку политички ставови на претседателот Иванов за идните приоритети на новата влада, кои се конзистентни и се однесуваат на сите политички структури во земјата. Претседателот Иванов има целосно легитимно право да изнесува политички ставови и барања поврзани со државните интереси и од тоа нема да отстапи и во иднина- се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот, испратено по реакциите дека тој нема овластување да поставува барања од партиите за нивната програма.

Кабинетот на Иванов оценува дека тврдењата на СДСМ дека претседателот Иванов, поставува дополнителни услови за доделување на мандатот за состав на владата, се „небулозен и груб обид за манипулација“.

Во соопштението се додава дека претседателот не го прекршил уставот со тоа што бара и докази за мнозинство за да назначи нов мандатар, a тврдењата на СДСМ дека во минатото, тогашниот претседател Киро Глигов мандатот го доделил на второпласиранта партија, биле лажни.

-Наводите на СДСМ дека претседателот Глигоров го доделил мандатот на второпласираната партија на тогашните избори, повикувајќи се на објавено соопштение од 14 јули 1992 година, претставуваат груба лага, бидејќи информациите изнесени во соопштението од 14 јули 1992 година се однесуваат на консултации што претседателот Глигоров ги извршил со СДСМ. Факт е дека во соопштението од 14 јули 1992 година, на кое се повикува СДСМ, претседателот Глигоров не го доверува мандатот на СДСМ за состав на влада, туку од нив бара да посочат кандидат за мандатар. Три дена подоцна, на 17 јули 1992 година, СДСМ во присуство на сите партии што го сочинувале парламентарното мнозинство, го информираат претседателот Глигоров дека успеале да обезбедат парламентарно мнозинство и го определуваат Петар Гошев за мандатар- стои во соопштението.

Поврзани новости