За „Би-Би-Си“ музичарите од Македонија се поинтересни од политичарите

by fokus

Трубачот Исеин Агушев (29) познат во јавноста како Џамбо, ќе гостува во емисија во популарната британска телевизија „Би-Би-Си“. Струмичанецот кој што ја продолжи семејната традиција и го направи оркастарот „Агушеви“ популарен низ целиот свет, вели дека е горд затоа што ја имал честа да добие покана од медиум кој што е надалеку познат и ценет, а покрај гостувањето во емисијата, ќе одржел и концерт во Лондон.

„Со арапската пејачка Мамак Кхадем снимивме две заеднички песни пред две години. Една од песните е со мој аранжман и музика, значи Мамак пееше, а нашиот оркестар ја придружуваше, и се создадоа супер нумери, пријатни за уво. По некоја случајност, луѓе вработени во „Би-Би-Си“ ги слушнале песните, и веднаш се заинтересирале за нас. Се распрашувале кои сме, од каде сме, каква музика изведуваме… Многу им се допаднала музиката, нашата харизма и веселиот начин на изведба. Успеале да стапат во контакт со мојот менаџер Бојан Ѓорѓевиќ, и го замолиле за наше гостување во нивна емисија. Мамак, која што инаку живее во Америка, исто така е поканета да гостува со нас, и таа беше изненадена и среќна поради укажаната чест од познатиот медиум“ – ни раскажа Џамбо.

Веднаш по гостувањето, на 28 февруари, тие ќе одржат концерт во Камден, познат дел во Лондон.

„Освен за музичарот Влатко Стефановски, не сум слушнал дека било кој друг од Македонија добил покана од „Би-Би-Си“ досега. Пријателите на шега ми велат дека политичарите можат слободно да ми позавидат за успехот, но јас знам дека до успех не се доаѓа лесно и мојот пат беше доста долг. Музиката ми е огромно задоволство, а кога нешто се работи со љубов, резултатите се неизбежни“ – вели Агушев.

Често го нарекуваат принц на трубата, и неговите настапи се едни од најпосетените и највеселите. Има редовни турнеји низ целиот свет со својот оркестар, освоено голем број на награди, а од светските музички експерти постојано добива комплименти за својата работа.

Познатиот британски медиум каде што ќе гостува Џамбо постои уште од 1927 година и има огромна гледаност низ целиот свет.

Вики Клинчарова

Поврзани новости