Судскиот совет во моментот оддржува седница на која ја разгледува оставката на Татјана Михајлова, од функцијата вршител на должност- претседател на Основниот суд Скопје 1, и ќе одлучи кој да застане на чело на Кривичниот суд, се додека не го спроведат изборот за претседател на судот.
За оваа функција во трка се сите судии, бидејќи не се поднесува кандидатура, туку би требало да биде избран судијата со најдолг судиски стаж и најдобри оценки. Неодамна, пензионираниот врховен судија Дане Илиев, во изјава за „Фокус“ истакна дека судијата кој го заменува претседателот не го избира Судскиот совет, туку во годишниот распоред го назначува претседателот на судот.
-Судскиот совет се наметнува и тој избира в.д. претседатели, односно нешто што не постои и не е во согласност со законот. Нивниот потег е незаконски и некој треба да сноси одговорност. Судовите не се геге друштво, па нив со месеци да ги водат в.д. претседатели, дециден е пензионираниот врховен судија Илиев.
Тој додава дека кога веќе ќе се бира наследник на Михајлова, тогаш тоа треба да биде судијата со најголемо судиско искуство.
-Судот е во заложништво. Срушен е неговиот авторитет и углед. На чело на судот поставуваат луѓе кои ќе местат годишни распореди и предмети, а не оние кои заслужиле да бидат на тоа место, најискусните. Во моментот Кривичниот суд е во вистински хаос, а најдебелиот крај ќе го извлечат странките, на кои судењата ќе им се одложуваат а со тоа ќе им се зголемуваат судските трошоци, вели Илиев.
Од Судскиот совет информираат и дека на денешната седница ќе извршат усвојување на конечни ранг листи на кандидатите за претседател на Врховниот суд, како и донесување на Одлука за избор на претседател на овој суд.
Валентина Вурмо