„Една може“, нова надеж за еднородителските семејства: Не е срам, туку херојство да се биде самохрана мајка во Македонија

by fokus

Здружението на самохрани родители „Една може“ кое што започна да функционира минатата година, секојдневно го зголемува бројот на своите членови.

Околу 2.000 самохрани родители, од кои што повеќето се мајки, редовно си помагаат една на друга, но и се трудат да се подобри статусот на еднородителските семејства.

Целта на „Една може“ е да се смени јавната свест за самохраните мајки, да им се пружи економска, правна, но и психотерпевтска помош.

Претседателка на здружението е Дороти Пачкова, која што го вложува својот максимум гласот на самохраните родители да допре до институциите, но и до јавноста. Нејзината мисија  е да се донесат закони кои што ќе ги третираат еднородителските семејства, да се стави крај на дискриманицата на децата со еден родител, која што е доста застапена кај нас, да се покаже солидарност, но и да се помогне финансиски.

„Една може“ развива и социјално претпријатие за изработка на еко – френдли производи за нега на кожа во кое што ќе може да се вработат самохрани мајки и да станат економски самостојни, бидејќи токму финансиската зависност е еден од големите проблеми со кој што се соочуваат овие храбри жени.

Здружението веќе има и сопствени простории во белите кули кај Цветен пазар во Скопје, а активистките се таму секој ден од девет до шеснаесет часот.

„За една да може, заедничариме сите!

Детабуизираме и се ослободуваме од наметнатите срамови, а правото на слободни избори е неприкосновот за кој се заложуваме.

Клучните промени и напредок, во однос на правата на еднородителските семејства, може да се случат само ако имаме активно учество на сите релевантни институции, организации и поединци, па затоа, ве покануваме во Една може!“порача Пачкова.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости