„Европски плати за вас и за нас“. Со вакви пароли стотина вработени во судската администрација и членови на Независниот синдикат на судска администрација заедно со Синдикатот на затворската полиција и Конфедерацијата на слободни синдикати денеска излегоа на протест пред Владата и министерствата за финансии и правда во Скопје.
Сакаат да за да го изразат незадоволството поради ниските плати и недобивање додатоци на плата.
„Денеска наши претставници имаа средба со претставници на Министерството за финансии, но не најдовме разбирање и тоа значи дека нашите активности како синдикат продолжуваат и понатаму“ – велат од Независниот синдикат на судска администрација.
Јасмина Величкова, претседател на штрајкувачки одбор за Основен кривичен суд и претседател на Судска администрација на Македонија, рече дека на денешната средба им било кажано дека за нив не е предвидено зголемување на плата и на додатоци.
„Одлуката не изненади затоа што ние протестираме од март годинава. За нас повторно министерот за финансии не најде начин со ребалансот на буџетот да изводи средства. Затоа штрајкот почнува од утре, а протестите продолжуваат од утре пред сите судови. Напоменуваме дека изминатите пет години во судската служба немало покачување на платите, а се наоѓаме во услови на зголемени трошоци за живот и зголемување на платите на избраните и именуваните лица, односно на судиите при што во судството се направи голема разлика во платите меѓу судиите и судската служба што влијае демотивирачки врз нас. Воедно, имајќи го предвид лошото искуство во изминатиот период во врска со доделување додаток за плата од страна на судскиот буџетски совет и нивно укинување за судската служба, бараме трајно решавање на овој проблем со предвидување на 35 отсто додаток на плата имајќи ја предвид специфичноста на нашата работа, ризикот и обемот на работа“ – рече Величкова.
Претседателот на Независниот синдикат на државна администрација, Горан Ристески, изјави дека одлуката за штрајк е донесена по вчерашните два состаноци во Основен граѓански и Основен кривичен суд, бидејќи, како што кажа, времето што беше дури и предолго за разговори не вроди со плод, односно нивното мислење немало слух од страна на надлежните.
„Изминатиот период имавме неколку преговори само со Судски совет на Македонија. Министерството за правда се оглуши на нашите барања за прием, не не испочитува, како и Министерството за финансии. И претседателот на Владата го информиравме дека има потреба да направиме средба на која ќе укажеме на проблемите кои се случуваат во судството во делот на затворскиот систем“ – рече Ристески.