Судот за извршување санкции ја прекршил процедурата на затворање на новинарот Кежаровски и не му дозволил на осудениот новинар во предвидениот рок од три дена во Упатниот акт да поднесе молба за одлагање на почетокот на извршување на казната затвор!
Полицајците, кои вечерта, во петокот на 16 јануари дошле да го приведат Кежаровски од домашен притвор и да го одведат на издржување на казната затвор сепак му врачиле Упатен акт, а не само пресуда и наредба за приведување, како што се тврдеше претходно.
Во Упатниот акт бр. 96/15 од 16 јануари 2015 година, судијката за извршување санкции Весна Петровска Тагасовска очигледно „заборавила“ да го наведе денот, месецот и годината, односно датумот кога осудениот Кежаровски треба „да се јави во Казнено-поправната установа ЗАТВОР СКОПЈЕ – Скопје заради издржување на казната затвор“. Овие делови од Упатниот акт останале празни!
Сепак, во документот кој го добил Кежаровски јасно се наведува дека „Осуденото лице во рок од 3 три дена од приемот на упатниот акт може да поднесе до судијата за извршување санкции молба за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор“.
Но, ова на новинарот не му било дозволено, иако вечерта го примил Упатниот акт, туку веднаш е спроведен во затворот во Шуто Оризари!
Да потсетиме дека од Основниот суд Скопје 1 претходно објаснија оти процедурата при експресното затворање на новинарот, по објавувањето на пресудата на Апелација, наводно била докрај испочитувана.
Во изјава за „Фокус“, претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, дури сакаше јавноста да поверува дека во случајот на Кежаровски воопшто немало упатен акт, зашто немало ниту потреба од таква процедура!? Панчевски правеше разлика помеѓу Кежаровски, кој се наоѓал во домашен притвор при одлуката на Апелациониот суд за неговата затворска казна од 2 години и другите лица од случајот „Ликвидација“, кои се бранеле од слобода.
„Со правосилноста на пресудата практично престанува притворот и тоа по автоматизам значи дека осуденикот мора да оди на издржување казна затвор. Поднесувањето некакви молби или барања им се овозможени само на лицата кои имаат правосилна пресуда, но се бранеле од слобода, што овде не е случај. Тука пресудата му се врачува на осудениот и тој мора да оди на издржување и тоа е направено според закон. Тука не постои никаков упатен акт, туку само пресуда на апелација и наредба од судот, потпишана од судија за извршување санкции до МВР да го спроведе осуденикот. Ова е редовна постапка, исто како кога некој од редовен притвор се пренесува во затвор“, рече Панчевски.
И покрај тоа, сега е јасно дека Упатен акт за извршување на казната затвор за Кежаровски сепак имало! Тоа што претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски за тоа не бил информиран, па дал брзоплета изјава, а судот за извршување санкции не ја испочитувал процедурата и не му овозможил на Кежаровски да поднесе молба за одлагање на извршување на казната, само ги потврдува сомневањата за експресна политичка егзекуција во затвор на новинарот.