Судот му го укина притворот на Мијалков за „Таргет-Тврдина“, но истовремено доби нов притвор за „Империја“

by Фокус

Скопскиот кривичен суд му определи 30-дневен притвор на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков за предметот под назив „Империја“, но му го укина притворот за предметот „Таргет-Тврдина“, врз основа на кој беше за прв спроведен во истражниот затвор Шутка, појаснуваат од Основниот суд Скопје 1-Скопје за МИА.

„Заради појаснување на јавноста во врска со притворот на С.М., по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои прозлегуваат од незаконското следење на комуникациите, во предметот познат како „Таргет-Тврдина“, претходно определениот притвор на лицето С.М. му е укинат со решение на Судот, а по предлог на надлежното Обвинителство во предметот познат во јавноста како „Империја“, судија на претходна постапка го прифати предлогот и му определи 30-дневен притвор заради постоење на основите од член 165, став 1 точка 1 и 2, односно опасност од бегство и основи кои укажуваат на влијание врз сведоци“, велат од судот.

Инаку, истрагата „Империја“ се води против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Поврзани новости