Основниот суд Скопје 1 денеска не донесе одлука дали да и го одземе пасошот на министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, која е првоосомничена во случајот „Тендери”, што го отвори специјалното јавно обвинителство.
Одлуката ќе биде донесена од понеделник, информираа од судот во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МK.
Од СЈО бараа мерка на претпазливост за министерката и одземање на патната исправа, поради опасност дека осомничената може да ја напушти земјата.
Инаку, Канческа-Милевска денеска беше на распит во Кривичниот суд, за случајот во кој се сомничи за местење тендер од еден милион евра за градежни работи во Музејот на ВМРО. Освен неа, осомничени за злоупотреба на службената положба се уште три членови на комисијата за јавни набавки.
Министерката по два часа сослушување, на заминување изјави дека станува збор за политички театар на СЈО.