Судијката Дијана Груевска Илиевска истакна дека не го прифаќа барањето на одбраната да се одложи денешното рочиште за трагедијата во кочанската дискотека ,,Пулс”.
-Нема промена на правната квалификација за ниту еден обвинет, а нема ниту предложено нови докази, истакна судијката.
Судечкиот совет донесе решение дека го прифаќа предлогот на Јавното обвинителство за изведување интегриран текст на обвинителниот акт и листата на докази, согласно решението на судот за спојување на постапката со цел поефикасно и поекономично водење на постапката како една постапка.
Судот смета дека со тоа нема да биде повредено ниедно право на ниедна странка во постапката од причини што Обвинителството најави дека пред да почне со својот воведен говор ќе го истакне интегрираниот текст и листата на докази која судот дословно ќе ја забележи во записникот кој потоа ќе биде доставен до сите странки во постапката.
Доколку странките имаат приговори на така поставените докази, можат откако ќе ја видат оваа листа на докази на ЈО, да ја прошират и да ја изменат својата листа на докази и на судот да му ја достават на следната расправа по давање на своите воведни говори.
Судењето ќе продолжи со давење на воведен говор на Обвинителството.
Адвокатите на обвинетите, претходно, побараа одложување на судењето, бидејќи имаше спојување на две обвиненија во едно, односно на главниот предмет се приклучи и подоцна обвинетиот Александар Нацев, сопственикот на агенцијата за обезбедување ,,Рубикон”.
Адвокатите бараа да имаат увид во сега единственото обвинение. Одложување бараше и адвокатот на Нацев кој рече дека мора да се запознае со главното обвинение.
Како втор аргумент за одложување адвокатите го наведоа и тоа што претходно Обвинителството информираше дека ги ревидирале доказите, односно од поднесената листа се извадени докази (вербални искази) за кои сметале дека се повторуваат и се однесуваат на една иста околност, па ги повлекуваат за да не се одолговлекува постапката.
Катастрофалниот пожар изби на 16 март годинава и во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За овој случај обвинети се вкупно 38- мина, односно 35 физички лица и три фирми.
В.В.