Судијката Лаличиќ ќе му суди на дедото на Тамара, претседателот на Кривичен, Џолев, одби да ја изземе

by fokus

Судијката Софија Лаличиќ и понатаму ќе му суди на дедото на Тамара, Љупчо Стојановски, обвинет за обид за убиство на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, иако неговата адвокатка побара изземање на судијката.

Адвокатката Павлина Зефиќ аргументираше дека судијката може да постапува пристрасно затоа што ја има во прислушуваните разговори што ги објави СДСМ. Таа достави транскрипт од разговорот со ексминистерот на УБК, Сашо Мијалков, кој бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во време кога во ова партиско тело членувал и оштетениот Никола Тодоров.

Како што ни појасни адвокатката Зефиќ, предлогот и бил одбиен, за кој пак решава претседателот на судот Иван Џолев, а изговорот на судијката била дека таа не се познавала лично со Тодоров.

Наредното рочиште за овој случај е закажано за 22 јануари, до кога треба да се изготви ново вештачење за пресметливоста на обвинетиот, бидејќи она што било направено го изготвиле вештаци со истечени лиценци.

Стојановски се товари за „обид за убиство“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Судот му определи притвор поради постоење опасност од бегство и опасност од извршување на истото кривично дело.

В.В.

Поврзани новости