Поради некоординираност на судот, денеска беше одложено рочиштето за 27 април. Обвинетиот Мунир Пепиќ присуствуваше на судењето за „Титаник“, каде е исто така обвинет, поради што судијката Добрила Кацарска мораше да го одложи рочиштето.
Сепак судечкиот совет влезе во судската сала со доцнење од 40 минути, поради што Кацарска им се извини на присутните.
-Иако не е моја вина, ви се извинувам на сите присутни овде за доцнењето и морам да ве известам дека поради некоординираност на судот денес нема да има судење. Датумите за овој предмет се закажани пред некое време, бидејќи се работи за притворски предмет. Не ми е јасно зошто е ваквото однесување и на што се должи ваквата некоординираност – рече Кацарска.
Судењето треба да продолжи утре со изведување докази на одбраната. Се очекува да сведочат двајца сведоци по предлог на пратеникот Крсто Мукоски.