Судијката Ленка Давиткова, која заедно со уште двајца судии не дозволи да се замрзне партиското седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и го осуди Зоран Верушевски на три години затвор за поседување на службен пиштол, сега ќе им суди на обвинетите во случајот „Таргет и Тврдина“.
„Фокус“ неодамна ја објави оваа информација, повикувајќи се на неофицијални извори, а сега информацијата и официјално ни ја потврдија од Кривичниот суд. Судењето за овој случај ќе започна на 22 декември.
Во овој случај, со обвинителен акт се гонат Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкулоска и Никола Бошковски, а обвинителен предлог за овој случај, е поднесен против десет лица меѓу кои и поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков.
Разликата меѓу обвинителен акт и обвинителен предлог е тоа што предлозите се водат по скратена постапка и за нив се предвидени помали казни. Сепак во овој случај, заедно ќе им се суди на сите обвинети.
Мијалков со обвинителниот предлог се гони за три кривични дела и тоа за злосторничко здружување за што е предвидена казна од една до пет години, за злоупотреба на службената положба, за што е пропишана казна од шест месеци до пет години и примање награда за противзаконито влијание, кое се казнува со една до три години.
В.В.