Судиите кои го укинаа најголемиот предмет на СЈО, „Таргет и Тврдина“

by fokus

Повеќе од 10 месеци им беа потребни на судиите во Апелација да ја донесат одлуката за иднината на случајот со масовното незаконско прислушување во УБК, односно за мајката на сите случаи на СЈО, „Таргет и Тврдина“.

Денеска од судот информираа дека паднала одлуката и дека според неа првостепената пресуда е укината и предметот се враќа на повторно судење. Од Апелација не даваат конкретно образложение за причините поради кои пресудата е укината, туку даваат општа формулација дека биле направени суштествени повреди во првостепената постапка.

-Апелациониот суд Скопје при разгледување на побиваната пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик, кусо информираат од Апелација.

Инаку судија известител во овој предмет беше судијата Енвер Беџети, претседател на советот е Јани Нича, а од петорката дел се и тројцата судии Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева. Бидејќи гласањето е тајно, не е познато дали некој од второстепените судии биле против укинувањето на пресудата.

„Фокус“ веќе објави дека ваквиот потег на Апелација му нуди „спас“ на Мијалков од кривичниот прогод, бидејќи двете дела за кои се гони му застаруваат на почетокот на 2025 година.

В.В.

Поврзани новости