Одложено е отворањето на канцеларија на бугарското здружение во Кавадарци, но тоа не ме спречи да донирам пакетчиња, вели Митрев

by Fokus

Најавеното отворање на канцеларија на бугарското здружение ,,Балкански коридор” во Кавадарци кое требаше да се случи минатата недела е одложено. И покрај тоа што во повеќе медиуми се објавија шпекулации околу тоа кој се би присуствувал на отворањето, и се спомнуваа имињата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Миликов и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов, сепак тоа не се случи.

Како што појаснува за ,,Фокус” претседателот на здружението, кавадарчанецот Добре Митрев, од објективни причини отворањето на канцеларијата било одложено, но здружението продолжувало непречено да функционира.

-Македонско-бугарското здружение на чие чело сум, постои повеќе од десет години и продолжува да функционира, иако канцеларијата се уште не ја отворивме. Јас продолжувам со моите активности исто како и порано, еве на пример вчера имав хуманитарен настан, кој е традиционален, со години наназад. ,,Балкански коридор” заедно со Бугарската амбасада под мотото ,,Да го погледнеме светот со нивните очи” донираше новогодишни пакетчиња во специјалната паралелка во училиштето Страшо Пинџур, како и во повеќе градови во Македонија. Моите активности си течат и како што кажав претходно, целта ми е да им се помага на граѓаните, а не да се прават провокации – вели Митрев.

Појаснува дека за сите донации кои ги прави, никогаш не добил финансиска помош од бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски, кој е финансиер на бугарските клубови во Битола и Охрид, туку самиот барал фондови и аплицирал за разни проекти.

-Врабевски не е финансиер ниту на здружението, ниту пак на донациите кои ги спроведувам со години наназад и тоа треба јавноста да го знае. Се финансираме од разни фондови, во конкретниот случај со новогодишните пакетчиња е вклучена Бугарската амбасада, и не гледам ништо спорно во овој настан, кој го организирам со години наназад. Немам скриени намери, нема место за било какви провокации и политика, јас се декларирам како Македонски Бугарин, а целта на здружението е да се придонесе во развојот на градот – појаснува Митрев, кој по професија е правник и косопственик на консултантски фирми во градот.

Околу отворањето на бугарските клубови во земјава, вчера претседателот Стево Пендаровски изјави дека нивното постоење не е спорно, но треба да им се даваат имиња кои немаат врска со фашистичкото минато и кои ги почитуваат чувствата на Македонците. Финансиерот на бугарските клубови во Битола и Охрид именувани според контроверзни историски личности, Милен Врабевски пак, во интервју за БНТ пред неколку дена изјави дека опција за решавање на насилствата во клубовите е да отвори уште 20 клуба, за Македонците да ја разберат вистината.

Во претходно интервју за ,,Фокус” Митрев изјави дека во името на неговото здружение ,,Балкански коридор” не гледа ништо спорно, па затоа имал поддршка од граѓаните кои го познавале.

Вики Клинчарова

Поврзани новости