На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје за настаните во Собранието на 27 април минатата година последен својата одбрана ја изнесе обвинетиот Влатко Трајковски. Судијката Добрила Кацарска информираше дека судењето продолжува во четврток, на 6 декември.
Предвидено беше во попладневниот дел од рочиштето одбрана да изнесат обвинетите Вилијам Михајловски, Александар Василевски – Нинџа, Никола Митревски – Кољо и Митре Питроповски.
Адвокатите на Михајловски, Питрповски и Митревски-Кољо, посочија дека лицата што ги застапуваат нема да изнесат одбрана, додека адвокатот на Василевски-Нинџа побара неговиот клиент да даде одбрана на следното рочиште, посочувајќи дека веќе понудиле и три сведоци меѓу кои и Дејан Димовски – Боксер.
Имено, Дејан Димовски-Боксер е лицето кое го наведе обвинетиот Стефан Младеновски при изнесувањето на одбраната.
– Кај споменикот „Прометеј“ беше присутен и Дејан Димовски – Боксер, вработен во УБК, рече да не се секираме бидејќи камери нема, тој ги искршил, наведе Младеновски.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.