Судењето на доктор Ставриќ одложено за 23 април

by Fokus

Судското рочиште против доктор Дејан Ставриќ денеска беше одложено за две недели, односно за 23 април, бидејќи очниот хирург не бил уредно поканет.

Судскиот процес експресно беше закажан, откако пред една недела скопска Апелација ја укина пресудата за Ставриќ, кој доби една година затвор, дека наводно земал мито од 2.000 евра, за да посредува при добивање на инвалидска пензија и случајот го врати на повторно судење.

За одлуката на Апелација се чекаше скоро десет месеци, откако во мај лани, Основниот суд Скопје 1 донесе пресуда од една година затвор за очниот хирург. За само едно рочиште, судскиот совет успеа да ги сослуша обвинетиот и сведоците, да ги разгледа доказите,  и да донесе пресуда.

Додека до неодамна судските саги траеја со години, сега, судиите повикувајќи се и постапувајќи по новиот Закон за кривична постапка, завршуваат експресно, се во еден ден. Па така, за неколку часа, судот одлучи дека Ставриќ е виновен и дека треба да добие затворска казна.

До правосилноста на пресудата, тој се бранеше од слобода, а неговата одбрана ја обжали пресудата.

Очниот хирург Ставриќ беше еден од најжестоките синдикални лидери, кој повеќе од 50 дена беше предводник на штрајкот на лекарите. Тој секогаш беше во првите редови, за да се избори за лекарскитре права, а во тој период особено битка се водеше против проектот плаќање по успешност. Лекарите скоро цел месец беа игнорирани од министерот за здравство Никола Тодоров, кој подоцна за краток период успеа да го протне проектот и да го воведе на скопските клиники и другите болници во земјава.

Поврзани новости