Македонија не е да стане некаква стутулена, ксенофобична, балканска државичка, стисната меѓу нашите планини и ридови, исплашена од големиот свет и од новото што тој го носи. Напротив, треба широко да ги отвориме прозорците за нови свежи ветрови.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Да се формулира и да се води ваква надворешна политика, каква што ја образложив пред пратениците во 1992 година, беше можно само благодарение на фактот дека за претседател имавме човек со интелигенција и такт од калибарот на Киро Глигоров, инаку, говорот пред пратениците го продолжив во ист, од денешна гледна точка, идеалистички стил.
Со погледот кон иднината, понесен од општата еуфорија за дефинитивната победа на либералната демократија, говорев со јазикот на кој говореше Европа и светот, кои беа понесени од истата еуфорија.
Но, сите републики не го избраа тој пат. Кога во некое идно време, историчарите ќе ги споредуваат надворешните политики на шесте поранешни југословенски републики, ќе ги воочат разликите.
Зашто, иако со падот на комунизмот не се роди „новиот светски поредок“ во кој владее правото, а не силата, а споровите се решаваат мирољубиво, а не со војна, избор, сепак, постоеше и ни беше даден нам, на југословенските републики.
Некои од републиките го избраа национализмот, кој ги одведе во етнички војни додека ние, со поддршка на ЕЗ и на САД, ја остваривме својата независност преку политиката на мирољубиво самоопределување.
Да повторам, ние народите на поранешната федерација имавме избор – некои одбраа војна, некои мир. Некои се определија за национализам, а некои за либерална демократија макар колку рудиментарна.
Натоварен, по своја одлука, со страшен товар на одговорноста, продолжив со говорот, на начин на кој ги држев сите говори и спротивно од начинот на кој ги држев предавањата на факултетот – стегнат, без да уживам во моментот, без да правам театрални паузи, без хумор во тие драматични времиња, без да се напијам вода…
БАЛКАН БЕЗ ГРАНИЦИ
„…На патот кон еден нов Балкан, потребна ни е европска помош за изградба на нашите демократски институции…Македонија, како независна држава, изразува подготвеност да ги научи и да ги примени стандардите на економското и политичкото поведение запишани во документите на КЕБС.
Конечно, и во овие тешки времиња на војна покажавме дека знаеме да се ориентираме и да работиме согласно тие стандарди. Покажавме дека демократијата е можна преку мирен соживот со припадници на други националности, религии или политички убедувања. Тоа треба да стане составен дел на една наша целосна програма да создадеме институции способни да го бранат достоинството на секој граѓанин на Република Македонија.
Националните малцинства имаат обврска да бидат лојални кон демократските процеси на државите на кои им припаѓаат.
Државите, пак, да отвораат нови хоризонти на слобода за малцинствата затоа што, како што е потврдено безброј пати досега, во услови на конфликт ставени да избираат меѓу државата и народот на кој му припаѓаат, малцинствата се определуваат за народот. Тоа треба да биде поука за сите балкански народи и, се разбира, за нас.
Свесни сме дека на Балканот, во услови на измешаност на народите, неизводливо е создавање држави по принципот – една држава, една нација. Ако е така, тогаш мораме да ги приспособуваме нашите институции да ги штитат правата на народите, националните малцинства и етничките групи. Со помош на европските институции, балканските земји мораат да се залагаат за заштита и унапредување на човековите права и правата на малцинствата.
Почитувањето на границите и немешањето во внатрешните работи на други земји се принципи кон кои треба, исто така, да се придржуваме, во спротивно, малцинствата може да станат тројански коњи со чија помош се дестабилизираат соседните земји доколку имало такви манифестации во минатото, тоа треба да го оставиме зад нас.
Како потписници на европските документи, секоја држава е должна да се грижи за своите национални малцинства. Доколку тоа не го чини на задоволителен начин или, пак, воопшто, постојат легални европски институции (конференции, судови, арбитражи) каде што, на мирен начин, ќе се бара заштита за правата на малцинствата.
Така, обединети околу исти принципи, ќе работиме на кревање на материјалната и духовната благосостојба на народите во регионот и во еден процес на учење на демократија, ќе работиме за Балкан без граници, Балкан на слободен духовен и материјален развој на сите народи.
Но, до тоа може да се стаса само постепено и доколку упорно се држиме до заедничките принципи, на начин на кој западноевропските земји го прават тоа од 1947 година до денешни дни. Оттука и нужноста емоциите да се стават под контрола, а да нѐ водат разумот и работата.
НИЕ СМЕ ДЕЛ ОД ЕВРОПА
Дами и господа пратеници,
Тоа што е најважно за нашата надворешна политика е да ја сочуваме демократијата дома – тоа е нашата легитимација во светот. Тоа е голема и тешка задача затоа што проблемите што досега беа потиснувани под површината на политичкиот живот, изронија на површината: нерешени етнички тензии, дискутабилни граници, иредентизам, национализам кој сѐ уште не е изживеан.
Општества што почивале врз една вистина, каде што легална опозиција била забранета, во кои на луѓето со различни политички погледи се гледало како на шпиони, издајници или дури и како ментални случаи, треба сега да изградат или да одржат една сосема нова демократска структура. Но, која е таа основна вистина што е темел на демократијата?
Основната вистина на демократијата е дека нема една вистина, овозможувајќи различни политички вистини да се искажат, да се конфронтираат, но и да се почитуваат.
Демократијата, значи, ги нема сите одговори на нашето живеење. Но, демократијата е едно отворено општество, во кое политиката се подразбира како процес на прилагодување на интересите на поединци, групи, класи, институции и идеи.
Во основата на демократските политички институции, пак, се толеранцијата, дебатата, консензусот, компромисот и заемното почитување меѓу политичките противници. Засега, успешно чекориме во таа насока, а тоа светот го разбира и го цени. Тоа е нашата препорака пред семејството на европските држави.
Но, фактот дека сме независна држава, не треба да ги измени нашите убедувања во однос на процесот на интеграција на европскиот континент. Признавањето на нашата државност е еден од предусловите Република Македонија да одговори на своите домашни и европски обврски.
Една од најважните е да се следат главните интегративни процеси на континентот – кон Европа како економска и политичка целина. Тоа, пак, значи дека иднината на Македонија не е да стане некаква стутулена, ксенофобична, балканска државичка, стисната меѓу нашите планини и ридови, исплашена од големиот свет и од новото што тој го носи.
Напротив, треба широко да ги отвориме прозорците за нови свежи ветрови. Потребно ни е да станеме составен дел на европските и светските технолошки процеси и да ги следиме основните економски текови. Ние сме дел од Европа…
Нашата иднина како независна држава е да станеме дел од сеевропскиот процес на интеграција при што умеењето да соработуваме мораме да го докажеме со тие со кои до вчера сме живееле во една држава. Паралелно со тоа мораме да станеме дел од еден европски економски и политички систем, во кој, независно од силината, нашиот глас, сепак, ќе се слуша и нашите интереси, сепак, ќе се земаат предвид.
Потоа, станувајќи дел од меѓународни институции и интеграции, пренесуваме врз нив дел од националниот суверенитет. Но, тоа е во наш национален интерес зашто само така ќе ја избегнеме опасноста да бидеме индустриски и технолошки заостаната и политички некомпетентна држава.
Оттука нужноста од соработка со развиениот свет на Европа, зашто комбинацијата на повеќе слаби држави нѐ прави силен сојуз.
СОРАБОТКА СО ГРЦИЈА
Дами и господа пратеници
…Со распаѓањето на федералната структура, Македонија е од поодамна самостојна држава, во смисла дека самата си ги уредува внатрешните и надворешните работи и се грижи за своето население. Нашите европски соговорници го знаат тоа, меѓутоа во процесот на меѓународното признавање се испречи ставот на Грција.
Од страна на досегашниот и сегашниот претседавач со Министерскиот совет на ЕЗ, Ван ден Брук и Пињеиро, ни е кажано дека единаесетте се свесни за потребата Македонија да биде признаена за независна држава, но дека ставот на една нивна членка ги обврзува да ѝ се даде време да ги презентира своите аргументи.
Овие недели сме сведоци на колизијата меѓу правото и политиката, што ќе рече, меѓу Извештајот на Баринтеровата комисија од една страна и политичките интереси, кои се реалност, од друга. Ставени на вага, интересот на Грција кај добар дел од европските земји тежи повеќе од интересот за Македонија (мислам на економија, географија, стратегија, политика).
Меѓутоа, на случајот на Македонија, Европа ги става на проба своите демократски вредности, едно од кои е и правото на мирољубиво самоопределување, во процесот на изградба на нова Европа.
Токму таа нова Европа, како единствена економска, политичка и правна целина тежи повеќе од секоја земја. Оттука и интересот за демократска и мирољубива Македонија, во еден нестабилен регион, кој може да ги донесе во прашање и интегративните процеси во останатиот дел од континентот.
Затоа повторуваме: подготвени сме за сестрана соработка со Грција, членка на Европската заедница, од која се очекува да ги афирмира европските принципи на Балканот. Содржината на нашите односи е тоа што нѐ преокупира.
Македонија може да даде и меѓународни гаранции дека ќе го почитува територијалниот интегритет на Грција и дека нема да се меша во нејзините внатрешни работи.
Меѓутоа, да се условува секој дијалог или соработка со промена на името е понижувачко. Понижувачко е затоа што едноставно немаме резервно име, ниту, пак, кога било сме размислувале за такво нешто. Тоа што Грција подразбира едно, а ние друго под името Македонија, е доволна разлика, доколку разликата е тоа на што се инсистира…
Сепак, без оглед на тешкотиите, процесот на меѓународното признавање е отпочнат. Работиме на изградба на министерство за надворешни работи, во вистинската смисла на зборот, а квалитетот на нашата работа ќе зависи од квалитетот на луѓето што се ангажирани.
Отпочна изградбата на дипломатска мрежа, која, за една мала земја како Република Македонија, ќе биде скромна и ќе настојува да троши што помалку пари. Основно ќе биде да се покријат петнаесетина центри во светот. Сѐ друго треба да се покрие директно од Македонија. Секоја земја ја димензионира својата надворешна политика според внатрешните можности.
СОРАБОТКА МЕЃУ ДРЖАВИТЕ
Дами и господа пратеници,
Република Македонија ќе продолжи да работи на мирољубиво и трајно решавање на кризата во досегашната Југославија… Сѐ уште сметаме дека Конференцијата за Југославија е политичката рамка за доаѓање до таа цел и затоа ја поддржуваме иницијативата на лордот Карингтон да ја обнови нејзината работа.
Но, нашата позиција на конференциската маса е таа на независна држава што е во процес на меѓународно признавање. Само од оваа позиција сме подготвени да земеме учество во дијалог за идните добрососедски односи со поранешните југословенски републики.
Се разбира, постојат силни економски и културни врски што треба да се сочуваат доколку сакаме да бидеме верни на нашата цел – обединета Европа. Потребно е да се направи обид од сите независни држави од досегашна Југославија, да се положат темели на идна можна интеграција.
Ова треба да биде нашиот придонес кон сеевропските процеси на интеграција. Даваме полна поддршка на мировните напори на специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, господинот Сајрус Венс. Нашата позиција од самиот почеток на кризата беше дека употреба на сила во една комплексна повеќенационална заедница, чии проблеми може да се решаваат единствено преку дијалог, води во етничка војна.
Дами и господа пратеници,
Република Македонија се соочува со огромни предизвици да ги разбере новите реалности, да прифати нови ризици и да отвори нови хоризонти на човековата слобода. Наша цел е да создадеме отворено општество, плуралистичка демократија и пазарна економија.
Наша цел е да придонесеме кон создавање отворен и демократски Балкан кој ќе има своја улога во создавањето на стабилност и заемна доверба во Европа. Патот до таквиот Балкан треба да биде поплочен со новиот дух на соработка меѓу државите, подобрување на состојбата со човековите права во целиот регион и со либерална политика која ќе ги отклонува бариерите што стојат на патот на трговијата и враќањето на капиталот. Кон овие цели сме подготвени да чекориме рака под рака со сите наши соседи и со сите држави на Европа.
Благодарам на вниманието“.
(Продолжува)