Студентски пленум: Со нашиот марш не баравме помилување од премиерот, туку го покажавме револтот од состојбите во високото образование

by Фокус

Откако премиерот Никола Груевски излезе вчера и нагласи дека екстерното тестирање на факултетите нема да важи за студентите кои веќе студираат, туку само за идните генерации, со повратна реакција до него излегоа од Студентскиот пленум. Тие тврдат дека иако, забележале омекнување на реториката на премиерот, сепак за нив останува неприфатливо спроведувањето на дадената реформа.

–  Би сакале да ја искористиме оваа прилика да го потсетиме премиерот дека со екстерното тестирање, во каков и да е модел, сепак се прекршува Уставот во делот автономија на Универзитетот (член 46). Универзитетот е, како што беше безброј пати истакнато, највисоката образовна инстанца во општеството, и извршната власт не смее да интервенира во неа на овој начин. Исто така, не заинтригира делот од изјавата на премиерот каде тој вели дека екстерното нема да важи за студентите кои веќе студираат. Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно нѐ помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегоа, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена – се наведува во соопштението од студентите.

Според нив, Студентскиот пленум цврсто стои на ставот дека нема да се откажат во името на ниту една генерација, која би ги трпела последиците од реформата.

–  Ги поттикнуваме генерациите што доаѓаат да се придружат во нашите напори да го спречиме воведувањето на мерката екстерно тестирање. По изјавата не можеше, а да не размислиме на следниве прашања: Дали изјавата на премиерот значи дека тој се надева на сервилноста на идните генерации кои нема ни да помислат да се побунат против она што ние веќе го оспоруваме? Ако се сигурни во квалитетот на понудените реформи, тогаш зошто прават компромис и нашата генерација ја исклучуваат од истите? – прашуваат студентите.

Пленумот повторно сака да посочи дека, уште нема никакви анализи каде потфрла квалитетот во високото образование, и како државниот испит е најефикасниот начин за негово решавање.

– За нас е сè уште нејасно зошто не дебатираме за постоечките механизми за контрола на квалитет и како нив да ги направиме функционални, туку и понатаму се инсистира на ваквата мерка. Дебата околу реформите во високото образование е навистина неопходна, но таа не може да биде околу моделот на екстерното тестирање – тврдат од Студентскиот пленум.

Поврзани новости