„Студентски пленум“ бара средба со ректорот на УКИМ

by fokus

Претставниците на повеќе студентски и младински организации, обединети во иницијатива на студенти, сметаат дека нелегитимноста на студентските претставници кои треба да гласаат за избор на нов ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, го доведува во прашање целиот изборен процес.

За таа цел, тие упатија писмо преку кое бараат средба со Ректорот на УКИМ, за да ги образложат проблемите кои ги нотирале при отпочнување на постапката за избор на нов Ректор на најстариот и најголемиот универзитет во земјава.

„Во изминатиот период повеќе студентски организации утврдија противправност на студентските претставници во Ректорската управа и Универзитетскиот сенат. Мандатот на Претседателот на СПУКМ, кој е член на Ректорска управа, е истечен веќе втора година, а избори за Претседател на СПУКМ последен пат се распишани 2012 година. Претседателството на парламентот не одржува седници и нема никакви информации дали воопшто Собранието на СПУКМ се собира и носи одлуки. Дополнително загрижува измената на студентски делегати во Сенатот која не е јавно обзнанета, а извршена од студентските парламенти со истечен мандат. Токму оваа нелегитимност на студентски претставници во овие тела го оневозможува изборот на Ректор на Универзитет Св. Кирил и Методиј, и предизвикува дебатливост за целокупниот процес,“ стои во писмото на здружената студентска иницијатива.

Со оглед на краткиот рок за изборот на Ректор, од иницијативата бараат средбата да се одржи на 13 јуни, за да се презентираат сите наши наоди и видувања во врска со постапката за избор, но и да се најде заедничко решение преку кое ќе се надмине проблемот со студентските места во раководните органи на универзитетот.

Писмото е потпишано од Асоцијација на европски студентски структури Скопје (АЕГЕЕ Скопје), Европско здружение на студенти по право (ЕЛСА), Здружение Студентска организација „Излез“, Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ), Македонско друштво на студенти физичари (МДСФ), Млади европски федералисти (JEF), Младински образовен форум (МОФ), Младите Можат, Прво македонско здружение на студенти по психологија на Република Македонија ПСИХЕСКО, Студентски парламент на факултетот за драмски уметности (СПФДУ) и Студентски Пленум.

Поврзани новости